Апелацискиот судија Ѓоко Ристов обвинет за примање поткуп и перење на пари, сам ги пакувал банкнотите пронајдени заѕидани во домот на неговите родители во Неготино, покажаа ДНК-трагите пронајдени на материјалите со кои биле спакувани еврата, тврди Обвинителството.
Според Јавното обвинителството, Ристов лично го извршил криењето на средствата, за што, како што беше наведено, постојат материјални докази, вклучително и биолошки траги на алуминиумска фолија со која биле завиткани парите.
Случајот против судијата Ристов произлезе од истрагата за поранешниот правобранител Фехми Стафа, кој во декември 2025 година беше фатен на дело при примање на поткуп од 20.000 евра. Иако парите не стигнаа до судијата, при последователните претреси беа пронајдени вкупно 350.000 евра за кои, според Обвинителството, Ѓоко Ристов нема доказ за законско потекло и не ги пријавил во анкетните листови.


