Не, не оди вака со комисија со одвај 3-4 историчари

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Една стара мудрост, вели: „луд е оној кој сака да се откаже од она што го има, надевајќи се дека ќе го добие она што го нема“! Ова е воедно најточниот опис на нашата политичка реалност, која деновиве се разбранува со македонско-бугарските „в’проси“. Не затоа што овие прашања од добрососедската сфера, се одликуваат со рамноправна и достоинствена политичка содржина, ами заради спротивното. Нерамноправна, неправедна, недолична и ненаучна, брутална, понижувачка и гротескна парада на широко насилие (туѓинско и домашно) врз разумот и достоинството македонско.

Козеријава „европска“ се засилува со флоскулите „иднината на државата“, „европско однесување“, „мост на пријателство“ итн. Нејзината кулминација проблеснува со парафразирање на Волтеровиот афоризам од страна на премиерот од Северна: „Да не постоеше Гоце Делчев, ќе требаше да го измислиме…“

Ќе бидам конкретна – Г.Делчев е „знаме и симбол на борбата за слобода… на македонските генерации“ (Х.А.Полјански) и неговото дело е во функција на македонската историја (антрополошка и нормативна).

Земете си го Г.Сава Раковски алијас „Георги Македон“ за историска личност и метафора за мост на пријателство!

Господо, не, не оди вака, па дури и да не дефинирате што значи „заедничка историја“ во договорот и да формирате (псевдо) историска комисија во која одвај 3-4 се историчари и не го претставуваат научно-историскиот еснаф, само и само заради политички намери од сомнителна природа! Затоа што ако постапиме по теориската размисла за „заедничка историја“ или „споделена историја“ или „преплетена историја“ тогаш би требало да се признае рамноправен статус на сите балкански народи (и македонскиот) во политичките и културните односи, да се признае конкретното и специфичното во нивните национални истории и тогаш не би биле закостени во едностран и фаличен „Договор за добрососедство со Бугарија“, туку со сите и меѓу сите народи на Балканот би дефинирале и потпишале – Договор за добрососедство и разбирање!

Ете тоа е европски, нека гукне нешто и „блудницата Вавилонска“ (Ѓ.Пулевски)!

 

Претходна вестУште колкумина возат без возачка дозвола во Скопје?
Следна вестВо градинките до сега заболени 18 деца и 55 вработени