Убаво е што Скопје и Македонија сѐ почесто се организатори на светски спортски манифестации, особено кога станува збор за младински настани.
Тоа е шанса не само за спорт и дружење, туку и за промоција на државата пред светот.
Во таа насока, од 20 до 29 април Скопје ќе биде домаќин на Светското првенство во ракомет за ученици, на кое ќе учествуваат десетици селекции од целиот свет. Свеченото отворање ќе се одржи на 21 април на Плоштад Македонија, а финалните натпревари се закажани за 28 април.
Мора да се покажеме како добри организатори и домаќини. Ќе се успее ли во тоа?
За да биде се во најдобар ред прво треба да се извлечат поуките од ланските Младински олимписки игри во Скопје на кои се случија сериозни пропусти. Имаше многу организациски потфрлања, имаше проблеми со сместувањето и логистиката, па имаше нагласено незадоволство кај дел од учесниците на таа спортска манифестација.
Тоа фрли сенка врз целиот настан и покажа дека не е доволно само да се добие организацијата, туку и да се испорача квалитет. Затоа, овојпат сѐ мора да биде на ниво – од транспорт и сместување, до спортска организација и гостопримство. Паметните учат од сопствените грешки. Ќе бидат ли надлежните овој пат паметни?



