Навивање пред телевизор за македонските фудбалери

Фудбалската атмосфера се загрева во главниот град на Македонија. Имено, вечерва македонската фудбалска репрезентација на градскиот стадион во 20.45 часот ќе ги одмери силите со косовските фудбалери во натпревар за пласман на Европското првенство.
Ова ќе биде дуел од полуфиналето на плејофот во Лигата на нации на две репрезентации кои ги освоија првите места во своите групи. За жал атмосферата ќе биде загреана само пред телевизорите затоа што натпреварот ќе се игра без публика поради корона кризата.

И двете репрезентации ќе настапат ослабени без неколку свои фудбалери од првиот состав. На големо задоволство на македонските навивачи и љубители на фудбалот, од тимот на Македонија нема да отсуствува капитенот Горан Пандев.

Самиот Пандев вели дека ова е за него историски натпревар.

-Знаеме колку е важен овој натпревар. Искусни сме и подготвени сме за тоа што не чека. Сите ние знаеме што значи да се носи репрезентативниот дрес. За мене ова е последна шанса да играм на големо натпреварување. Огромна е желбата да победиме и да подариме радост на нашиот народ. Јас, едноставно живеам за овој натпревар. Ќе го оставиме срцето на терен, нека победи подобриот, истакна македонскиот капитен.

Скопјани жалат што не можат да му ја дат поддршката директно на стадион на Пандев и целиот тим, но ветуваат бучно навивање и од дома.

-Имав и карта за натпреварот, ама ништо. Ќе си го облечам македонскиот дрес и од дома ќе навивам, а женами ќе ми вари кафе, посочи скопјанец на Фејсбук.

Во пресрет на натпреварот со соопштение излезе МВР.

-Уште еднаш, ги информираме граѓаните дека, согласно препораките на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Одлуките на Владата, не е дозволено присуство на публика на натпреварот. Апелираме до граѓаните и да не се организира заедничко следење на натпреварот. До навивачките групи, со кои поголем дел од Секторите за внатрешни работи, односно Отсекот за превенција, одржаа средби, апелираме да се воздржат од инциденти, употреба на говор на омраза или други нарушувања на јавниот ред и мир, затаоа што тоа најстрого ќе биде санкционирано, се вели во соопштението.
Инаку, победникот за пласман на ЕП ќе игра со подобриот од дуелот помеѓу Грузија и Белорусија.
Претходна вестЗа Филипче немало ризик од отворањето на границите и од претстојниот викенд без ДДВ
Следна вестПочинале тројца пациенти, во Скопје 184 новозаразени од вирусот