Баскетот се уште ќе биде на боледување

Баскетот се уште ќе мирува во Скопје. Не, не оној маалскиот, туку официјалниот – од првата лига.

Имено, кошаркарското првенство и покрај најавите, се чини нема да почне претстојниов викенд, откако скринингот направен од Кошаркарската федерација на Македонија покажа дека речиси во секој прволигаш има најмалку по еден позитивен на Ковид-19.

Се најавува дека во следните 48 часа ќе бидат познати резултатите од тестовите на сите 12 клуба, според истите ќе биде донесена одлука за стартот на Првата лига, која треба да почне овој викенд.

Инаку, покрај веќе познатите седумина заразени со вирусот во екипата на Академија ФМП, која е во изолација заедно со тимот на Вардар поради меѓусебната пријателска средба, неофицијално во моментов има тројца со позитивен тест во новиот прволигаш ТФТ, двајца во МЗТ Скопје, а по еден во Гостивар и МЗТ Скопје УНИ Банка. Претходно, заразен имаше и во Работнички.

Ваквиот наплив на нови случаеви со Ковид-19 меѓу екипите ќе значи и поголем број екипи кои во целост би заминале во изолација. Викендов требаше да се одиграат три средби, а в среда на програмата да биде вечното дерби помеѓу Работнички и МЗТ Скопје, но тоа најверојатно нема да се случи.

Сето ова навестува дека стартот на Првата лига ќе биде пролонгирана за уште две недели, по што челниците на КФМ ќе донесат одлука за тоа дали и како ќе почне новата сезона.

Претходна вестНајголем пораст на новозаболените има меѓу младите од 20 до 29 години
Следна вест86 скопски возачи брзале по улиците, набрзо ќе платат казна