Со Меѓународна конференција „Науката и општеството: придонесот на хуманистичките и општествените науки“, која синоќа беше отворена во Струга се одбележува големиот 100-годишен јубилеј од постоењето на Филозофскиот факултет од Скопје. На отворањето на конференцијата се обрати и претседателот на Македонија Стево Пендаровски кој потенцира дека Филозофскиот факултет, формиран во далечната 1920-та година е јадрото на македонското високо образование.
-Околу тоа јадро подоцна беше оформен нашиот најстар државен универзитет, „Св. Кирил и Методиј” во Скопје и беа поставени темелите на Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”. Со право може да се каже дека Филозофскиот факултет е чуварот на традицијата. Секој што бил дел од македонското високо образование е истовремено и наследник на традицијата што започнува токму со Филозофскиот факултет. Сите ние, директно или индиректно, сме интелектуални потомци на Филозофскиот факултет и затоа, денес, сите ние сме горди на овој јубилеј, потенцира претседателот на државата.
На присутните преку онлајн-врска им се обрати и министерката за образование и наука. Обраќања имаа и ректорот на Скопскиот универзитет Никола Јанкуловски, деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев.