Мерките ги олабавија, а Македонија ја оставија на последните резерви вакцини

Се трошат последните резерви вакцини и тоа во период кога почнуваат да се применуваат новите полабави мерки против пандемијата. Ќе има и масовни собири, а некаде сигурно ќе се кршат протоколите.

Министерот за здравство, Венко Филипче вчера кажа дека Македонија ги троши последните речиси 5.000 вакцини за прва доза, а тоа значи само еден ден вакцинација. Меѓутоа вечерта имаше малку поведра вест – дека стигнале 11.700 нови вакцини од производителот „Фајзер“.

Веста секако е позитивна, ама со краткотраен ефект, бидејќи и тие 11.700 вакцини ако се поделат на прва и втора доза, значи дека имаме за само уште еден ден плус. Со други зборови, ако масовно се вакцинираше, вчерашните, вкупно 16.700 дози ќе „летнат“ за два дена. А, пријавени за вакцинирање има над 400.000! Со вакво темпо на набавка на вакцини имунизацијата на тие граѓани е невозможно да се заврши ни за една година. Планираат пред почетокот на школската година да се имунизираат и децата. Како без вакцини?

Сега е и појасно зошто власта го спушти темпото за вакцинација – ги троши последните резерви, а нови нема. Чека на донациите од Грција и Бугарија.

Зошто вакцинирањето е во криза? Зошто пак чекаме донации? Зошто здравствените власти останаа без вакцини? Слушаме Србија и подарила на Чешка 100.000 вакцини, на земја-членка на ЕУ. Па, каде е Македонија во приказната?

За жал Македонија е меѓу првите пет земји во светот по бројот на починати од ковид 19, а никој од најдоговорните досега не е повикан на одговорност. Да каже зошто е тоа така? Каде се грешело и како понатаму? Да се направи експертска анализа на се што се случувало во борбата со пандемијата во период од една година и повеќе.

Претходна вестКараџовски и Комисијата проверуваа дали пратениците може да се вратат во пленарната сала
Следна вестПет филмови избрани во официјалната селекција за „Филмај 2021“