Денеска Македонија се потсетува на својот значаен револуционер и државник – Методија Андонов – Ченто. Тој е роден на денешен ден пред 120 години во Прилеп.
Ченто бил претседател на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Целиот свој живот го посветил за права и за слобода на македонскиот народ.
Тој уште во 1938 година за време на кралска Југославија отворено и јавно ја бранел македонската национална кауза и се залагал за поголема слобода на Македонците и отворање на училишта на македонски јазик. Поради тоа бил во затвор.
Во Втората Светска Војна, уште на почетокот на бугарската окупација Ченто добил покана да соработува со окупаторски власти, но тој тоа го одбива и одбира да соработува со оние што се залагаат за ослободување на Македонија од нејзините нови окупатори.
Со својата посветеност и решителност толку многу се истакнал што бил избран за прв претседател на Президиумот на АСНОМ.
Првите несогласувања на Ченто со дел од комунистичката врхушка, почнуваат многу брзо по неговото преминување на слободна територија. По ослободувањето на Македонија несогласиците со тогашниот македонски врв продолжуваат. Ченто се залага за обединување и поголема самостојност на Македонија и се залага за поголема финансиска независност и залагање за сопствен буџет и на останатите југословенски републики. Тогашната властодржци пополека му ја одземаат реалната власт па Ченто во март 1946 година поднесува оставка на функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија.
Сака да се повлече од политиката и мирно да живее во Прилеп, но наскоро е уапсен од полицијата пред својата куќа во Прилеп, а тогашната полиција сооптила дека го уапсила при бегство во Грција. Ченто е осуден на 11 години затвор. Затворен е во скопскиот затвор „Идризово“ каде во најтешки услови бил во „специјалната ќелија“ и бил чуван од посебна стража. Додека бил во затвор, властите често му нуделе да признае и потпише дека згрешил и се покајува, по што животот ќе му бил наполно обезбеден.
Пуштен е од затвор по одлежани 9 години и 4 месеци затвор. Сепак затворскиот живот остава траги врз неговото здравје. Ченто починува на 24 јули 1957 година.
Долги години по смртта, Методија Андонов-Ченто бил табу тема. Во 1990 година, на барање на неговиот син Илија Андонов-Ченто е обновен судскиот процес против него и на 22 октомври, по повторената кривична пресуда, Окружниот суд во Скопје ја укина пресудата од 1946 година.
На 22 октомври 2010 година, претседателот на Република Македонија посмртно го одликувал Ченто со „Орден на Република Македонија“ орден кој го имаат само поранешните претседатели на Македонија и три реномирани македонски институции.