Во евиденцијата на државниот Централен регистар веќе не постои бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид. Ова државна институција го избриша Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ откако министерот за правда Кренар Лога на 30 март го потпиша решението со кое се забранува здружението да го користи името на оваа контроверзна личност.
Одлуката дојде откако Владината Комисија за употреба на имиња на историски личности, даде негативно мислење со образложение дека именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество.
Претходно, и Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, беше избришан од Централен регистра пред две недели, затоа што одби да се пререгистира.
Инаку, согласно Законот за здруженија и фондации, што беше донесен по скратена постапка во ноември 2022, бугарските клубови беа обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се закануваше укинување. Рокот за поднесување на барањето беше до 16 февруари.