Кирил Македонски пред 70 години позајми клавир и ја напиша првата македонска опера „Гоце“

Уште како мало дете покажувал афинитети кон музиката. Во своите сеќавања кажувал дека уште како четиригодишник посебно го доживувал хорското пеење. Потоа, почнал да покажува и интерес и талент за музика, за да на 11-годишна возраст по наговор на татко му почнал да учи виолина.

Така почнува музичкиот пат на композиторот Кирил Македонски (првично презиме му било Виденов). Се навраќаме на него оти е роден на денешен ден пред 99 години, на 19-ти јануари 1925 година во Битола.

Тој е познат како автор на прва македонска опера „Гоце“ изведена во 1954 година, но и по други опери и музички дела кои станале важен дел од македонското музичко творештво.

Сето тоа е резултат на неговото долготрајно музичко образование. Учел во Битола и во Скопје, студирал во музичките академии во Загреб, Сараево и Љубљана, на отсекот за композиции и диригирање. Бил и стипендист на полската влада престојувал шест месеци во Варшава, се усовршувал и на Меѓународниот институт за современа музика во Дармштат, Западна Германија. Инаку, својот работен ангажман во Скопје го врзал за Педагошката академија „Климент Охридски“ како професор од 1973 година, каде што на групата за музичко воспитување ги предавал предметите хармонија и интонација.

Неговите музички дела почнуваат да настануваат по 1950-та година кога почнува да создава први посериозни композиции – „Адаџо и фуга“ за гудачки оркестар, хорските творби „Орлите на Македонија“, „Вена“, „Долетале, долетале“, „Хумореска“.  Сепак, вниманието на музичката јавност кај нас прво го предизвикува појавата на неговата симфониска поема „Танчарка“ (1951) која како свое извориште го има македонскиот фолклор. Успехот на „Танчарка“ го охрабрува авторот да се зафати со веројатно најтешката композиторска задача во тој момент: да создаде македонска опера, прва во македонската историја – „Гоце“.

Неа ја прави во мошне неповолни услови: ја напишал со помош на позајмен клавир од „Радио Битола“, по либрето на Венко Марковски и која за првпат била изведена на сцената на МНТ во 1954 година. Операта „Гоце“ има големо историско значење за македонската музика и преставува голем исчекор на македонските автори во освојувањето на најголемите музички форми.

Подоцна, Македонски се појавува и како автор на уште две други оперски дела, оперите „Цар Самоил“ и „Илинден“. Во 1968 година, по повод дваесет годишнината од МНТ, за прв пат е изведена операта „Цар Самоил“. Ова опера е пишувана од 1962 до 1966 година врз сопствено либрето, во најголем дел само врз основа на слухот, понекогаш без никаков инструмент.

По повод седумдесет години од Илинденското востание во 1973 година, за свечаното отварање на Мајските оперски вечери изведена е и операта „Илинден“. Првично, операта „Илинден“ требало да се вика „Даме“ и таа била замислена како противтежа на операта „Гоце“, но со текот на времето, името „Даме“ се изгубило… Но, најважното е тоа што што тој со музички јазик го заокружил својот творечки оперски опус со теми од историското минато на македонскиот народ.

Овој значаен македонски автор починал 1984 година во Скопје.

Претходна вестСе слави Богојавление – Водици, денот на кршевањето на Исус Христос
Следна вестИ стратегијата за настап на изборите била на вчерашното мени на заедничкиот ручек на Ковачевски, Заев и Ахмети