Шпанскиот тенисер, Рафаел Надал изјави дека Србинот Новак Ѓоковиќ е најдобриот играч на сите времиња. Србинот освоил 24 грен слем трофеи во кариерата, а Надал два помалку.
Бројките зборуваат сами за себе, секако дека е, тој е најдобриот во историјата. За мене – да, според сè што сум видел – изјави Надал во интервјуто за шпанскиот телевизиски канал „Ла Секста“.
Понатаму, Надал вели дека немал его да каже работи што не ги чувствувал.
– На крајот на денот, можеме да кажеме дека јас бев повреден во толку многу слемови, а тој не. Но, тој имаше подобро тело од моето, а тоа исто така се брои – додаде Надал.
Ѓоковиќ е на првото место на АТП листата, додека Надал моментално е 646 тенисер во светот.
– Фрустрацијата на Новак трае само во моментот кога ќе го скрши рекетот. Веднаш потоа е подготвен повторно да се натпреварува на 100 проценти и затоа е човекот кој постигна најмногу во историјата на нашиот спорт – изјави Надал кој моментално се опоравува од повредата.
Шпанскиот тенисер истакна дека негови главни цели годинава се „Ролан Гарос“ и Олимписките игри во Париз. Надал изјави дека сè уште не одлучил дали годинава ќе ја заврши играчката кариера.
– Не сум решил 100 отсто. Не знам кои турнири ми останаа, претпоставувам дека ги нема многу, но не можам да го потврдам тоа. „Ролан Гарос“ е една од моите цели. Би сакал да учествувам и на Игрите во Париз – рече Надал кој потврди дека нема да игра на АТП турнирот во Доха.