Вака ли го чуваме македонскиот јазик: Лекторите во странство не добиваат плата, не им се исплаќа девизен додаток…

Лекторите по македонски јазик кои работат во странство се оставени на маргините, со плати што не ги покриваат нивните основни трошоци за живот и сместување, па се принудени да се снаоѓаат како што знаат и умеат. Ова, покрај другото, е наведено во обраќањето на лекторите по македонски јазик на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ) до ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова со кое бараат решение за нивните проблеми. Но, до денеска не добија одговор.

Во обраќањето тие укажуваат дека вршат значајна национална мисија за ширење на македонскиот јазик, литература и култура на 11 активни лекторати во светот, а сега се наоѓаат во незавидната положба. И покрај тоа, тие се изземени од последните покачувања на платите на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за 22 отсто.

Дополнително, се додава, лекторите во изминатиов период се соочуваат со сериозни финансиски проблеми и се принудени да живеат со просечна македонска плата во големи светски метрополи, каде што трошоците за живот се осетно зголемени поради глобалната инфлација во изминатите години. Девизниот додаток, односно додатокот за подобрување на животниот стандард во странство, кој и онака е мал, не се исплаќа редовно секој месец, што дополнително ја отежнува тешката финансиска ситуација во која се наоѓаат.

Лекторите на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје, исто така, информираат дека не го добиваат целосниот износ на основната плата што им следува, односно добиваат само 75 отсто од износот на основната плата за работните десет месеци, што е во спротивност со Правилникот за работа на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје.

Лошата финансиска ситуација сериозно го загрозува опстанокот на лекторатите по македонски јазик во странство и затоа тие решиле да ги достават следни барања до Ректоратот на УКИМ и до Министерството за образование:

  1. Наоѓање соодветно правно решение за корекција на дискриминаторската одлука за изземање на лекторите по македонски јазик во однос на останатите 3 200 вработени со цел нивната плата да го добие покачувањето од 22 отсто што го добија сите вработени на УКИМ. Со оглед на тоа што лекторите по македонски јазик вршат значајна национална мисија за ширење на македонистиката во светот, а и со самиот факт што живеењето во странство значи и дополнителни трошоци за живот, бараме во најкраток можен рок да се најде начин да се исправи неправдата што ни е нанесена.
  2. Наоѓање соодветно правно решение за корекција на пресметката на платите, со цел лекторите за време на работните месеци да го добиваат целосниот износ од платата што им следува, односно 100 проценти, како и редовно исплаќање на девизниот додаток.

-Доколку надлежните не одговорат на овие барања, вработените на МСМЛЈК при УКИМ во Скопје ќе преземат соодветни мерки за заштита и остварување на своите права кои се загарантирани со Уставот и законите, се предупредува во обраќањето.

Претходна вестАхмети до Мицкоски: „Мери ги зборовите“; Мицкоски со одговор: „Многу брзо и кексито и млекото ќе ти преседнат“  
Следна вестМалолетен пешак тешко повреден во сообраќајка во Чаир