Не поминаа ни 24 часа од ставањето на вето од Бугарија за отпочнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, а македонскиот владин специјален претставник Владо Бучковски денеска ќе престојува во посета на Софија. Според информациите, специјален владин претставник Бучковски заминува во официјална посета на покана на бугарската Влада.
– За време на престојот ќе имам состаноци со премиерот Бојко Борисов, вицепремиерот и министер за надворешни работи Екатерина Захариева и министерот за одбрана Красимир Каракачанов, најави Бучковски за БГНЕС.
Во четврток е планирано да има средба со претседателот Румен Радев.
-Доаѓам на покана на бугарската влада. Доаѓам како ваш голем пријател и со добра волја, потенцираше Бучковски.
Бугарија на состанокот на Советот на министри во Брисел стави вето на преговарачката рамка за Македонија, за почеток на преговорите со Европската Унија.
Вчера македонската Влада оцени дека ставањето вето од страна на Република Бугарија е неодговорна и тешка геостратешка грешка.
-Со тоа Република Бугарија застана на патот на нашата европска интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и сите останати земји членки одделно, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите. Македонскиот национален идентитет не беше, не е и невозможно е да биде предмет на преговори. За жал, процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ го запре Република Бугарија како членка на ЕУ. Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка, се потенцира во соопштението.
Бугарско Министерство за надворешни работи на ова денеска одговори дека Македонија мора да ги напушти манипулативните тези против Бугарија.
-За жал, во последната година Република Северна Македонија се обложи на дипломатска и медиумска кампања за дискредитација на позициите на Република Бугарија, бидејќи на јавноста постојано и беа презентирани лажни информации во врска со бугарската позиција. Со наследен тоталитарен историски наратив, тешко е да се најде поддршка од Бугарија. Време е владата на Република Северна Македонија да се откаже од манипулативната теза дека Бугарија го оспорува правото на самоопределување и идентитетот на граѓаните на Република Северна Македонија или нивното право да го нарекуваат својот јазик како што сакаат, се наведува во соопштението.