Основното јавно обвинителство од Кавадарци донесе наредба за спроведување истражна постапка против државјанин на Република Албанија со привремен престој во Кавадарци, за кого постои основано сомнение дека сторил тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
На регионалниот пат Р1103 Кавадарци-Мотел Дреново, на 29 септември, осомничениот под дејство на алкохол во крвта, управувал „Форд транзит“ во сопственост на кавадаречка фирма.
-Кога пристигнал кај местото викано „Лазово Мовче“, пред него се движела работна машина – трактор со приколка. На место забрането за престигнување, обележано со полна линија, во близина на кривина во лево, осомничениот започнал да го престигнува тракторот и тоа без да ја прилагоди брзината на возилото. Со предниот дел од камионот, при престигнување удрил во задниот дел на приколката. Тракторот излетал од коловозот во лево, а камионот се извртил странично на спротивната сообраќајна лента, удирајќи во автомобил „мини купер“ кој доаѓал од спротивен правец. Во несреќата, возачот на тракторот се здобил со тешка телесна повреда, со телесни повреди се здобил и возачот на прилепскиот автомобил, а шоферот на камионот го напуштил местото на настанот. Бидејќи постои опасност од бегство, по предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Кавадарци определи мерка притвор во траење од 30 дена за осомничениот странец, извести ОЈО.