Колумна на проф. д-р Благоја Маркоски:
Пред неколку денови, поточно на 2.6.2022 г. во организација на Синдикатот на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се одржа протест на кој се изрази негодување со барање за зголемување на платите на универзитетските професори, помошно наставниот кадар и останатите вработени во службите на факултетите. Повод беше незадоволството од висината на платите на вработените на УКИМ. Претставниците говорници на наведениот синдикат мошне содржајно ги изнесоа своите погледи и пораки до надлежните институции во државата (соодветните министерствата и Владата на Р Македонија). Но, две реченици од говорот на претседателот на конкретниот синдикат беа забележителни:
-едната каде се бара покачување на платите за по 25% во наредните 4 години и
-втората дека тоа треба да се регулира со колективен договор.
Како долгогодишен професор на УКИМ (ПМФ, ИГ) соодветно на универзитетската автономија на професорот си земам за право да коментирам дека:
-во услови на актуелната економска ситуација во државата пропратена со процес на секојдневна инфлација, по 25% за 4 години е ништожна вредност, која вметната во колективен договор ќе значи врзување на „рацете“ на универзитетските професори и персонал за да во продолжение не можат да побараат никакво регулирање на платата (како што ни се случи со актуелниот колективен договор),
-колективен договор за регулирање на плати на универзитетски професори е срамен чин со кој се понижува и автономијата и личноста универзитетскипрофесор.
Имајќи предвид дека популистички (без анализа и соодветно проценка на ситуацијата) само минималнта плата ја покачија во неколку наврати (која денес стигна околу 18000 денари) го обезвреднија трудот на работниците со повисоко образование, така што платите на работниците со основно образование се изедначија со оние со завршено средно образование, а коефициентите за повисоките нивоа на образование драстично се намалија од поранешни 1:5 (основно образование спрема редовен универзитетски професор, како што беше и се провлекуваше од социјалистичкото уредување во државата, а во западните земји тој сооднос е 1:10) на 1:2,5, што е погубно за мотивацијата некој да се школува и работи во образование, наука и технологии.
Заради наведената аргументација од една страна и заради фактот дека со добро образован кадар се постигнува солиден научен, технолошки и економски развој воконкретните услови моите проценки се дека:
-платата на универзитетските професори треба да се зголеми за околу 400 отсто.
Образложение:
-Актуелната плата на редовен универзитетски професор е околу 40.000 денари. Тоа значи дека со зголемувањето би достигнала до 160.000 денари. Ако се има предвид темпото на зголемување на минималната плата, таа многу брзо ќе стигне до околу 30.000 денари, што значи, ако се почитува соодносот 1:5 тоа би било еднакво на 150.000 денари.
-Контекстот на висината на платата во однос на актуелната минимална плата со конкретниот коефициент соодветствува на колку толку подостоинствена плата од околу 90.000 денари (што се поистоветува и со укажувањето на почитуваниот ректор на УКИМ), така што универзитетските професори и административно технички персонал ќе се приближи на состојбите во соседните држави. Оваа вредност сепак е помала од платата на народен пратеник во Р Македонија, а секогаш основицата на универзитетскиот прифесор се движела со платата на претседателот на владата.
Во образложението влегува и фактот дека станува збор за релативно мал број на универзитетски професори, така што масата на средства е далеку помала одсерија на трошења низ политичките кругови.
Почит кон универзитетските институции, професорите, науката и технологиите за да опстоиме и економски и културолошки.