42 кандидати во игра за нови антикорупционери

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе одржи седница на која треба да бидат спроведени интервјуа на пријавените кандидати за претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Ќе се извршат интервјуа на 42 кандидати кои ги исполниле условите од огласот за нови членови на ДКСК. Комисијата за селекција на кандидатите беше формирана на 14 ноември согласно Одлуката на Собранието за објавување јавен оглас за избор на претседател и членови на ДКСК.

Членови на Комисијата за селекција се Јован Андоновски, заменик народен правобранител номиниран од Народниот правобранител, Снежана Камилоска Трпкоска претставник на Македонски центар за меѓународна соработка Скопје, член на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор од областа на демократијата и владеењето на правото, Никола Додов претставник на Здружението за поттикнување и промоција на информатиката Асоцијација на студенти информатичари Скопје, член на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа медиуми и информатичко општество и пратениците од власта Фаница Николовска и Берат Ајдари и од опозицијата Ели Панова и Кастриот Реџепи.

Според законот, Комисијата за селекција ја формира листата на кандидати и по пет дена започнуваат интервјуата. На интервјуата присуствуваат претставници на повеќе институции, како и невладини организации и можат да поставуваат прашања на идните антикорупционери, а се ова се пренесува на Собранискиот канал.

Мандатот на актуелните членови на Комисијата истекува на 7 февруари следната година и тие немаат право на повторен избор. Новата комисија треба да почне да функционира на 8 февруари 2024 година.

За претседател на ДКСК може да се избере лице кое е државјанин на Македонија и кое живее во земјата, да е деловно способна личност, да има високо образование од областа на правните науки или од областа на политичките, комуниколошките или економските науки. Покрај високото образование, се бара и најмалку десетгодишно работно искуство по завршувањето на образованието. Притоа осум години од работното искуство да биде во областите на откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото или доброто управување.

Кандидатите за членови треба да имаат шест години активност во областите поврзани со откривање корупција. И претседателот и членовите на ДКСК не треба да биле членови на Собрание, ниту во Влада, ниту пак донатори или функционери во политичка партија.

За нови антикорупционерка, според информациите, се има пријавено Софија Спасова Медарска, судијка од Основниот Граѓански суд Скопје и сопруга на адвокатот Филип Медарски. За ова место претендира и Славица Андреевска, судијка од Основниот Кривичен суд, која неодамна не беше избрана за судијка во Апелацискиот суд од страна на Судскиот совет, а набрзо треба да замине во пензија.

На листата има и две поранешни судијки. Маја Малахова беше кандидат и за претходниот состав на Антикорупциската комисија, во 2019 година. Таа беше разрешена од судиското место во 2002 година, а потоа стана претседателка на Државната комисија за жалби по јавни набавки. На конкурсот се пријавила и Татјана Михајлова, која во 2021 година беше разрешена од Судскиот совет за нестручно и несовесно работење.

Освен нив, за претседателско место во ДКСК се кандидирал Борис Кондарко, член на Државната изборна комисија и поранешен пратеник.

На конкурсот се пријавени и адвокатите Сузана Јошевска – Атанастасовска и Кимо Чавдар. На листата може да се најде и колумнистот Даут Даути, поранешен член на Комисијата за лустрација, понатаму Магдалена Чижбаноска – Вангелов, има вработени во Државниот завод за ревизија, но и вработени во Антикорупциската комисија, како Билјана Каракашова Шулев.

Претходна вестСе уште гори магацинот со бои и лакови во Фалише
Следна вестНаучна конференција „Македонија-Крстопат на епохи цивилизации и култури, Историја-Археологија-Уметност“