5 средни училишта и 21 основно побарале настава со физичко присуство

До денеска настава со физичко присуство на учениците побарале вкупно 36 училишта во Македонија – 15 средни и 21 основно училиште, информира денеска Мила Царовска, министер за образование. Таа рече дека бројката може да се зголеми откако во следните три дена ќе стасаат пријавите испратени по пошта.

Посебно тело ќе одлучува по овие барања. Во него членуваат претставници од кабинетот на претседателот на Владата, МОН и Министерството за здравство, во координација со Комисијата за заразни болести. Како што пристигнуваат барањата, тековно ќе се разгледуваат и ќе се одлучува за секое. Поголемите училишта се ризик, но секако одлуката ќе ја донесе владиното тело. Сепак, сите што поднеле барање за физико присуство се спремаат и за онлајн-настава, рече Царовска.

Советот на општина Карбинци на својата вчерашна седница реши околу 420 ученици од централното основно училиште „Страшо Пинџур“ и останатите девет подрачни училишта да можат редовно со физички присуство да ја следат наставата. Се наведува дека ги исполнуваат протоколите за заштита од корона вирусот. Инспекциските служби во општина Кичево утврдиле дека основните училишта на нивно подрачје се подготвени за настава со физичко присуство. Но и тука ќе се чека одлука на владината комисија.

-Секако дека пооптоварените училишта, поголемите училишта кои имаат многу ученици се ризик за отпочнување со физичко присуство. Но, сепак, јас не би сакала да ја коментирам работата, ниту на владината Комисија, сакам тие да ги донесат одлуките и ние како институција која што ги креира политиките во делот на образованието ќе ги спроведеме како конечни, рече Царовска.

На прашањето дали може да се јави недостиг на кадар во училиштата, бидејќи и таму има родители на деца помали од шест години, министерката рече дека одлуката за ослободување од работа во секој момент може да претрпи измени.

Претходна вестВо преработениот ДУП за Расадник избришани само три згради, граѓаните пак реагираат
Следна вестСе уште се чека платформа за онлајн настава, ама се ветува дека ќе е лесна за користење