52.543 лица досега казнети за неносење маски, ќе платат до милион евра

 

Најмалку 525.000 евра а најмногу околу милион евра ќе се слеат во државниот буџет по основ на паричните казни за прекршоците кои до сега ги направиле граѓаните со неносењето на заштитните маски против корона вирусот. Ова го покажува пресметката која ја направиме врз основа на податоците кои „Скопско ехо“ ги доби од Министерството за внатрешни работи во однос на констатираните прекршоци од страна на полицијата.

-Од почетокот на примената на оваа мерка на Владата на РСМ (22.04.2020 година), односно од почетокот на санкционирањето по однос на непочитување на носењето заштитна маска (01.05.2020 г.) на територијата на државава изречени се вкупно 52.545 прекршоци против 52.543 граѓани, се наведува во информацијата на МВР.

Оттогаш до вчера се поминати 133 дена што значи дека дневно, во просек, полицијата санкционирала по 395 граѓани во Македонија.

Статистичките показатели покажуваат дека најмногу прекршоци се изречени на подрачјето на СВР Скопје – 15.419, а најмалку на подрачјето на СВР Куманово -1.830 прекршоци против исто толку граѓани.

-Казната за овој прекршок изнесува 20 евра во денарска противвредност, и граѓанинот доколку во рок од осум дена се одлучи да го плати прекршочниот платен налог, тогаш ја уплаќа половината од казнената сума (во случајот половина од пропишаните 20 евра), а процесниот дел важи доколку казната не е платена во законски пропишаниот рок, кога за истата одлучува Одделот за прекршоци, информира МВР.

Пресметката, значи, покажува дека во првиот случај, доколку граѓаните не ја платат казната во рок од осум дена, вкупната сума која по овој основ ќе се слее во државниот буџет изнесува 1.050.900 евра. Во вториот, пак, доколку граѓаните плаќаат по 10 евра, сумата ќе изнесува 525.450 евра.

Претходна вестПовторно протест против поскапата струја, на улица излегуваат и синдикати и ВМРО-ДПМНЕ
Следна вестГи скршиле камерите за надзор во маркет, одзеле сеф, цигари, алкохол…