Тим од Клиниката за педијатрија, д-р Аспазија Софијанова, д-р Весна Мицевска и д-р Валентина Јовановска Огненовиќ, утре ќе одат во Општата болница во Гевгелија, за поддршка на педијатрите и евентуални дополнителни испитувања, откако во изминатиов месец лекарска помош побарале 50 деца и бебиња со симптоми за респираторни инфекции, неспецифични за овој период од годината, информира Министерството за здравство.
Во моментов во болницата во Гевгелија хоспитализирани се само две бебиња, поради возраста, а 20-тина деца се на терапија, но не се задржани во болница.
Здравствените власти велат дека се работи за неспецифични инфекции кои се појавиле во топлиот период, а карактеристични се за есен и зима, поради што потребни се дополнителни анализи.