Најавата дека ќе се склучува договорот со грчки партнер и наскоро може да се очекува почеток на градба на најголемиот хидроенергетски проект во Македонија „Чебрен“ се уште предизвикува бројни реакции во македонската јавност. Многумина не го прифаќаат замисленото од Владата.
Како што е соопштено од власта се предвидува грчка компанија да инвестира една милијарда евра за изградба на ХЕЦ со 333 мегават часови. Ќе ја добие потоа на концесија дури 60 години, а плус на поклон ќе ја добие ХЕЦ „Тиквеш“. Предвидено е да се формира заедничка компанија во која Македонија ќе има 33-процентна сопственост.
Ова е спорно за голем број од македонски енергетски експерти. Во нивните истапи како здруженија, на соочувања, во дебатни емисии, интервјуа… се поставија бројни прашања кои предизвикуваат дилеми дали вака договорен проект, по 13 неуспешни тендери, е оправдан и е во интерес на државата?
Тие дилеми, придружени со бројни аргументи, до сега и натаму се нерачистени и не добија прецизен одговор од надлежните државни органи. Еве дел од поважните прашања на кои мора да има одговор од Владата:
- Зошто мора да се бара странски партнер и концесионер за ХЕЦ „Чебрен“, зошто Македонија сама не го изгради овој капитален објект за да биде во државна сопственост?
Прашањето се наметнува по многу основи, еве еден: Изградбата на „Чебрен“ се предвидува да трае најмалку 7 години што значи дека на проектираната инвестиција од 1 милијарда евра државата годишно треба да дава околу 150 милиони евра, можеби и помалку, а што не е неостварливо ако се види дека секоја година имаме државен буџет тежок многу милијарди евра.
2. Зошто „Чебрен“ се дава на 60-годишна концесија? Потоа, кога ѓе се врати во државна сопственот се ќе биде крајно амортизирано и Македонија ќе треба да плаќа прескапи поправки.
Експертите предупредуваат дека животниот век на хидроцентралите е околу 40 – 50 години по што тие значително се амортизираат и руинираат.
3. Зошто на странците во сопственост и се дава ХЕЦ „Тиквеш“, кој сега годишно на Македонија и призведува од 120 до 150 гигават часови електрична енергија?
Експерти посочија дека: Доколку секоја година се продава струјата од ХЕЦ „Тиквеш“, којашто е обновена во 2005 година, заработката би изнесувала од 10 до 40 милиони евра. Тоа значи дека во наредниве 60 години, колку што изнесува концесијата, странецот ќе заработи од 600 милиони евра до 2,4 милијарди евра, а може тие пари да ги заработува Македонија.
4. Дали Македонија ќе добива 33 проценти од произведената струја или 33 проценти од профитот кој странците ќе го покажат?
Голема е разликата во добивка по основ на едната или другата варијанта. Експерти велат дека власта се определила да зема од профитот што според нив е лошо оти постои опасност профитот намерно да се намалува на годишно ниво, а и Македонија ќе нема струја туку пак мора да купува иако има „своја“ хидроцентрала.
5. Зошто е избрана опцијата да се гради толку скапа висока брана од 192 метри?
Се смета дека акумулацијата од 915 милиони метри кубни вода е предимензионирана и правена врз погрешни податоци. Во праксата на градењето на хидроелектраните тие не се прават ако „мртвиот волумен“ е поголем од 45 проценти. Односно, подобро е да се направи пониска брана која ќе биде и поевтина и ќе може да се искрости повеќе вода. Таков проект бил понуден на Македонија.
6. Навистина ли градбата ќе чини една милијарда долари?
Според странски искуства експерти посочуваат дека градењето на брани во Франција, Полска, Португалија, Грција… покажува дека просечна цена на чинењето е 1,6 милиони евра за мегават час. Кај нас ќе е 3 милиони евра.
7. Колку дополнителни пари ќе мора да вложи Македонија околу „Чебрен“?
Според до сега познатото договорот предвидува македонската страна да направи пристапни патишта, огромна трафостаница, експропријација… Тоа значи дека Македонија ќе даде покрај ТЕЦ „Тиквеш“ и многу пари.
На сето ова одговор мора да даде власта пред да го верификува договорот. Македонските интереси треба да бидат заштитени. Не е добро да се остави големо бреме дури и на идните генерации кои уште не се родени, оти објектот ќе се гради минимум 10 години, а потоа 60 години ќе остане во странски раце.