Колумна на Владимир Величковски:
Живиот танц на ластовичките наутро за момент ќе ме оттргне од првата тешка мисла: како ќе им помине денот на децата во училиште. Изнесувањето на проценти на заразени и колку годината со онлајн настава била успешна застрашува и влева недоверба. Пописот е нужност за планирање на развојот, а притоа никогаш немало планиран прираст на населението. Во секој случај, страшниот вирус бара посебна претпазливост. Вољата на народот никогаш и за ништо не победила наспроти арогантната власт. Рузвелт на барањата на народот одговорил: „ Ако ме принудувате (со демонтрации, протести и штрајкови) ќе го сторам тоа, ќе ми биде мило да ви угодам“.
И пред овие локални избори се повторува истата приказна: раскопани улици, се прават други поправки и почнуваат да градат и се кажуваат лажни ветувања. Има стручњаци во својата област но работа за градот (за подобар живот) бара други способности а на извикани „визионери“ и „сезнајковци за говор на омраза“ Борхес (автор на Алеф) ќе рече: „Морам да се извинам (пред Сабато), знам дека сум незналица“. Ние немаме скромна но посветена и компетентна личност, во никој случај натпартиска. И Ноам Чомски пишува за крајот кој не знаеме како ќе изгледа: до тогаш и американските кандидати се рекламирале како „паста за заби“. Партиите кај нас не разговараат туку се напаѓаат за едни исти работи. Тие не се здружија ниту во најкризни периоди. Бедно! Може да се зборува за лажен патриотизам и отсуство на морална димензија во делувањето. Кога имаат интерес тие знаат единствено – да се пазарат. Многу бедно! Како може поединец да биде виновен за енормното загадување кога станува збор за стара појава која во минатото предизвикувала чума! Но не е само тоа: темелни човечки вредности исчезнуваат како што е солидарноста и сочувствувањето.
Парите се облик на говор во пресудувањето, а тежнеењето да се краде, според Дарвин, „мора да е наследно“. Се разбира, може да не му веруваме. Неочекувано, меѓутоа кандидат за Центар изјави : Скопје 2014 било минато (без оглед на тешките последици што ги остави, се уште присутни)! Како мисли кандидатот да го подобри животот во градот кој оди во пропаст заради неукоста, деструктивноста, омразата и ѓубрето, особено агресивната неконтролирана бетонизација и инструментализација.
Во име на народот се донесуваат (и со притисок) неправедни одлуки, решенија и пресуди без поткрепена аргументација со тешки последици по цели семејства. Секој и правда може да се купи и поткупи. Во систематски уништуван град (проблемот со вода, поплави од канализација и во повеќекатници, итн) не може да има маалски живот (како во архитектонски уништената улица „Мајаковски“), во неприродно распоредените згради. Бронзената реалистична скулптура на клупа посветена на Горан Стефановски побудува посуптилни асоцијации и размисли. Се обновува Универзална сала но не се знае како: потемелно или само фасадата! Доминира немирот и кај децата, во семејството, на училиште и во социјалниот живот. Во градот доминира менталниот и општествениот хаос, голема несигурност и некој нов сој на копитари.