Руските воени сили влегоа во Украина, силни експлозии во неколку градови, ЕУ, САД, Кина со реакции

Руските воени сили рано утрово навлегоа на територијата на Украина при што како што соопштуваат тамошните медиуми воздушни напади и експлозии се забeлежани во повеќе поголеми украински градови. Звуци на експлозии се слушале како во главниот град Киев така и во Харков и Одеса.

Украинската власт прогласила воена состојба на територија на целата земја. Нападот започнал нешто пред 4 часот по полноќ, откако рускиот претседател Владимир Путин во телевизиско обраќање соопштил дека наредил да започне „специјална воена операција“ со цел да се изврши „демилитаризирација и денацификација“ на Украина.

– Решивме да започнеме специјална воена акција насочена кон демилитаризација и денацификација на Украина. За секој кој би помислил на мешање однадвор: ако го стори тоа, ќе се соочи со последици најголеми во неговата историја. Сите релевантни одлуки се донесени, додаде рускиот претседател.

Украинската погранична служба информира дека украинските граничари и контролните пунктови се гаѓани од страна на руските трупи со артилерија и тешко вооружување. Украинското министерство за внатрешни работи јави дека армиските команди во Киев и Харков се гаѓани со ракети. Жителите на Киев во голем број почнаа да ја напуштаат престолнината. Според медиумски извештаи, експлозии се слушаат во источноукраинскиот пристанишен град Мариупол, како и во Одеса.

Украинскиот претседател Волдомир Зеленски во обраќање за јавноста по нападот најави воведување воена состојба во земјата.

-Русија ја нападнала војната инфраструктура и граничните сили. Ги повикувам граѓаните да останат во своите домови, додавајќи дека нивната армија е подготвена да одговори на нападите. Зборував со лидерите на САД, Германија, ЕУ, Полска и Велика Британија. Ги повикав итно да го спречат Путин, војната против Украина и против светот, напиша Зеленски на Твитер.

Украинските служби објавија и повеќе слики од експлозиите, како и снимки од граничниот премин Сенкивка помеѓу Украина и Белорусија на кои се гледа како голем број руски тенкови влегуваат во Украина.

Европската унија денеска упати итен повик до Русија да ги прекине воените операции и да ја повлече војската од Украина. Во заедничката изјава на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се наведува дека мора да се почитува интегритетот на Украина.

-Ја повикуваме Русија веднаш да ги прекине воените операции, да ја повлече својата војска од Украина и целосно да го почитува нејзиниот територијален интегритет, суверенитет и независност, се вели во соопштението.

Се наведува и дека лидерите на ЕУ ќе разговараат за нови мерки против Русија по почетокот на операцијата против Украина.

Американскиот претседател Џо Бајден соопшти дека претседателот Путин избра војна со предумисла, а САД и нивните сојузници и партнери ќе одговорат на обединет и решителен начинТој ја осуди руската воена операција во Украина.

-Молитвите на целиот свет се со народот на Украина вечерва, бидејќи тие трпат неиспровоциран и неоправдан напад од руските воени сили. Претседателот Путин избра војна со предумисла која ќе донесе катастрофални загуби на животи и човечко страдање, се вели во соопштението на Бајден.

Се огласи и Кина која соопшти дека ја следи ситуацијата во Украина и повика на „воздржаност“ од сите страни откако рускиот претседател Владимир Путин нареди воена операција на европскиот сосед.

-Кина внимателно ја следи најновата ситуација и ги повикуваме сите страни да останат воздржани и да спречат ситуацијата да излезе од контрола, рече портпаролката на Министерството за надворешни работи Хуа Чунјинг на редовниот брифинг.

Претходна вестУкажува ли скринингот дека е време да се укине обврската учениците да носат маски?
Следна вестЗа една недела бројот на активни случаи на Ковид-19 се намали за над 3.300 лица