За една недела бројот на активни случаи на Ковид-19 се намали за над 3.300 лица

Пандемијата во Македонија полека стивнува. За над 3.300 лица е намален бројот на активни случаи од корона вирусот за само една недела, покажуваат последните статистички податоци. Бројот на активни случаи, заклучно со вчерашниот ковид-извештај, е 5.449, што за една недела е намалување за  3.335 лица со оглед на фактот дека на 16 февруари имаше 8.784 активни случаи.

Во претходното деноноќие беа регистрирани нови 674 случаи на КОВИД-19 од направени 3.156 тестови или 21,3 отсто. Меѓу новозаразените, 98 биле реинфицирани. Во последниот ковид-извештај беа регистрирани и 12 починати лица, а преку „Мој термин“ беа пријавени уште девет починати лица.

Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни случаи има во Скопје 2971, Битола 296, Велес 224, Куманово 222, Кавадарци 208 и Прилеп 201. Во Македонска Каменица има само еден активен случај, а во Дојран ниту еден.

Според Комисијата, укинување на сертификатите за вакцинација сè уште нема да има, оти, како што рече завчера нејзиниот портпарол д-р Злате Мехмедовиќ, „сè уште се наоѓаме во широка трансмисија на вирусот на локално ниво и дека укинувањето на која било од актуелните мерки, вклучувајќи ги и сертификатите, може да доведе до влошување на епидемиолошката состојба и повторно преполнување на болничките капацитети или на амбулантите“.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, постои тренд на намалување на позитивноста кај сите старосни групи, вклучително и кај децата од шест до 14-годишна возраст, кај кои претходните недели имаше пораст на позитивни случаи.

Последната анализа на ИЈЗ покажала дека во овој период за речиси една третина се намалил бројот на новоинфицирани и починати лица со корона вирусот. Во анализата која го опфаќа периодот од 14 до 20 февруари регистрирани се 6.119 нови позитивни ковид случаи, што е за 29,2 отсто помалку во однос на претходната недела. Процентот на позитивност се движи од 16,7 отсто до 31,1 процент. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје – 53 проценти.

Пријавени се 106 смртни случаи во 23 градови, за 27,9 проценти помалку во однос на претходните седум дена. Најголем дел од нив се од Скопје (41). Во однос на возраста, најголем број, нив 95,3 проценти, од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (4) и 40-49 години (1).

Претходна вестРуските воени сили влегоа во Украина, силни експлозии во неколку градови, ЕУ, САД, Кина со реакции
Следна вестЗагрижувачко: Со неисправни сопирачки возеле 30 возила за јавен превоз