Каде брзаат: За три дена 681 возач казнет за пребрзо возење?

Пребрзото возење по сообраќајниците во Македонија станува вообичаена работа. Полицијата уверува дека работи на загрижувачката состојба. Дали успева да се справи со здивените возачи?

Нови 681 возач во изминативе три дена се казнети од страна на полицијата заради пребрзото возење на сообраќајниците во земјава. Во засилените полициски контроли вчера биле санкционирани 230 возачи меѓу кои нив 11 се движеле со брзината од над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 95 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 135 надвор од населено место. Завчера, пак, казната е изречена на нив 254 при што четири возила возеле дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Од нив, 76 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 178 надвор од населено место. Во петокот, биле санкционирани 197 возачи од кои 12 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина...

Излегува дека нема ден, нема контрола по која по 200-300 возачи не се казнети за овој сериозен сообраќаен прекршок. Да имало повеќе контроли, сигурно и дека бројот на прекршителите би бил уште поголем. Со тоа и опасноста од уште повеќе сообраќајни несреќи за кои најчеста причина е токму пребрзото возење. Но, проблем е во тоа што и покрај вакви контроли и покрај толку изречени казни, бројот на вакви прекршоци не се намалува туку или останува ист или се зголемува!?

Нешто, очигледно, треба да се менува бидејќи излегува дека со акциски контроли и со изречени казни не се решава проблемот со опасното пребрзо возење. Околу тоа, односно, за други начин на „скротување“ на здивените возачи мора да почне да се размислува потемелно.

Претходна вестЗапалени три нови контејнери кај Бит Пазар, кога ќе почнат да ги фаќаат пироманите?
Следна вестНад 100 полицајци и хеликоптер трагаат по десетгодишниот Петар од Врбско