Фирма чијашто основна дејност ќе биде производство на електрична енергија основал 18-годишниот Душко Заев, син на доскорешниот премиер Зоран Заев. Компанијата ќе се вика „Тотал Енерџи“ а нејзиното седиште ќе биде во Струмица.
Порталот „Фактор“ кој ја објави оваа вест, потсетува дека фамилијата Заеви поседува бизниси во повеќе дејности, но ова е прв пат да бидат поврзани со производство на електрична енергија.
-Префиксот „Тотал“ го носат уште две компании во кои стонастотен сопственик е Вице Заев, братот на поранешниот премиер, а тоа се „Тотал инженеринг“ и „Тотал електрик“. Најпозната компанија на Заеви е „Тргопродукт“ и фирмата-ќерка „Мамас“. Семејството Заеви заедно со своите партнери главно делуваат во градежниот бизнис, но се занимаваат и со транспорт, малопродажба, трговија, се наведува во информацијата.
Нема детали за тоа со каков вид производство на електрична енергија ќе се занимава фирмата на доскоро малолетниот Душко. Основањето се случува во ситуација кога во Македонија постои голем дефицит во потребите за електрична енергија: дефектите кои што се случија во РЕК „Битола“, како и проблемите со недоволни количества на јаглен и неотворање на нови енергетски капацитети, предизвикаа голем увоз на скапа струја за потребите на потрошувачите во земјава. За тоа досега се потрошени повеќе десетици милиони евра но проблемот со тоа не е решен долгорочно.
Никој и не понесе одговорност што Македонија е во незавидна енергетска ситуација.