ВМРО-ДПМНЕ предлага закон за кратење на акцизата за горивата, цените би се намалиле за околу 10 денари

Намалување на акцизите за горивата во Македонија. Ова денеска ќе го побара пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, која до Собранието ќе достави два предлог – закони.

-Со првиот предлог-закон бараме намалување на акцизата за горивата за моторни возилата за 50 %, со што значително ќе се намали финансискиот товар врз граѓаните и транспортните компании. Со ова цената на бензинот веднаш ќе се намали 13 денари, а цената на дизел-горивото 9,5 денари, соопшти Бојан Стојаноски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Со вториот предлог-закон бараме до 31 декември 2022 година данокот на додадена вредност за производите за човечка исхрана и за топлинската енергија, т.е. парното, да бидат со 0 %. Дополнително, бараме и ДДВ за електричната енергија да биде 5 % и во остатокот од 2022 година, а не само до 1 јули, по што е предвидено покачување на ДДВ на 10 %.

Тој потсети дека вчера претседателот на Регулаторната комисија за енергетика најави ново зголемување на цената на горивата. Со што, како што рече, зголемувањата се огромни, надминуваат и 30 % од пред две години.

„Пред точно две години, на 2 март, цената за литар бензин изнесуваше 64 денари, а за литар дизел-гориво 56 денари. Во овој момент без најавеното покачување цената за литар бензин изнесува 82,5 денара, а за литар дизел-гориво 74 денари. Со оглед дека власта не размислува во интерес на граѓаните, ние како пратеничка група сметаме дека државата мора да се откаже од 50 % од акцизата во овој критичен период во кој има нарушување на светскиот пазар на енергентите, рече Стојаноски.

Покрај намалувањето на акцизите, од ВМРО-ДПМНЕ бараат и дополнително намалување на финансискиот товар на граѓаните преку целосно намалување на ДДВ за прехранбени производи од 5 на 0 %.

 

Претходна вестЈанакиески повторно во куќен притвор
Следна вестАко легално поседувате оружје треба да ги замените дозволите