Руски и украински преговарачки тимови од претпладне на локацијата во близина на реката Припјат на белоруска територија водат преговори за запирање на воениот конфликт кој трае веќе пет дена по упадот на руските воени сили во Украина. Околу 16 часот тамошните медиуми пренесоа вест дека преговорите завршиле, но тоа набрзо беше демантирано со вест дека тие се уште траат.
Руската делегација ја предводи Владимир Медински кој е советник на шефот на државата, а министерот за одбрана на Украина Алексеј Резников, пак, е на чело на украинската делегација.
Според сознанијата, претставници на украинската страна на средбата дошле со ставот за итен прекин на огност и повлекување на руските војници. Наспроти ова, од руската страна пред средбата изјавија дека се „заинтересирани да дојде до договор кој е во интерес на двете страни“.
Засега не е познато во кој правец одат преговорите.
Инаку, и покрај почеток на преговорите на украинската територија продолжија воените судири кои на некои места, соопштуваат медиумите. Според информациите од теренот, најголем дел од руските трупи се позиционирани на 30 км оддалеченост од Киев. Украинските медиуми објавија дека во попладневните часови е гранатиран градот Харков од страна на руската артилерија. Борби се водат и околу други поголеми урбани центри, бомбардиран бил и градот Чернигов во северо-источниот дел од земјата.
Портпаролот на руското министерството за одбрана Игор Конашенков денеска изјави дека руската армија веќе има воздушна надмоќ над целата територијата на Украина.
–Киев е тероризиран од вооружени украински националисти, банди на бандити, криминалци кои добија оружје заради криминалната одлука на Владата да им даде оружје на цивилите, рече тој.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски во денешното видео обраќање упати апел до руските војници да го положат оружјето.
–Оставете ја вашата опрема. Заминете одовде. Не им верувајте на вашите команданти. Не им верувајте на вашите пропагандисти. Само спасете ги вашите животи, рече Зеленски.
Тој истовремено ја повика Европската унија веднаш да и додели на Украина членство по посебна процедура.
-Нашата цел е да бидеме заедно со сите Европејци и што е најважно да бидеме рамноправни. Сигурен сум дека тоа е фер. Сигурен сум дека тоа е можно, додаде Зеленски