Препораката за продолжување на важноста на сертификатите за прележаност од ковид-19 не е разгледана на денешната владина седница.
Владиниот портпарол Мухамед Хоџа на прес-конференцијата во Владата информира дека за ова не е дискутирано на денешната седница затоа што првично препораките од Комисијата за заразни болести треба да бидат разгледани на Главниот оперативен кризен штаб.
Комисијата препорача и потврдата за прележан ковид-19 да важи 180 дена, а не 45 како што е актуелната одлука, што беше една од првите препораки кои произлегоа од новиот состав на Комисијата за заразни болести.
На 22 февруари Комисијата за заштита од заразни болести донесе препорака и да се укине мерката за задолжително поседување негатвен ПЦР тест или сертификат за вакцинација или за прележан ковид при излез од земјава, која беше донесена минатата година.
И за оваа препорака ниту Кризниот штаб ниту Владата не одлучувале. Во меѓувреме, денеска Комисијата донесе уште една препорака – да се укинат ковид-сертификатите за влез во моловите во делоот каде што се носат маски, додека за рестораните да останат.