ВМРО-ДПМНЕ: Општина Центар продаде за само 7 евра по м2 државно земјиште; Од општината со одговор…

Општина Центар, спроти зградата на поранешната „Нова Македонија“, на приватен инвеститор продаваат државно земјиште за сума од неверојатни само 7 евра за м2, поточно смешни 438 денари за м2, обвини денеска опозициска ВМРО-ДПМНЕ.

Синиша Ивановски, претседател на партиската Комисија за инфраструктура, транспорт и градежништво, на прес-конференцијата рече дека ова е направено во координација со Министерство за транспорт и врски.

-На таа локација земјиште се продава и по многу повисока цена, а станбен или деловен простор доаѓа и до 2000 евра. Но, тука, продаваат градежно земјиште за 7 евра по квадрат. На истава локација се планира изградба на деловен објект во висина од 15 ката. Значи, 15 ката висина, кога ќе помножиме со по 2000 еу за м2 доаѓаме до вредност од 30 000 евра за м2, а општина Центар и Министерството за транспорт и врски дозволуваат продажба од само 7 евра за метар квадратен, потенцира Ивановски.

Тој објасни дека во очи на нова година, 29 декември 2021 година Министерството за финансии склучува договор, односно носи решение со коешто се прифаќа барањето на инвеститорот за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост. На ова му  претходело договор склучен на 2 октомври 2020 помеѓу градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ со фирмата која како инвеститор бара отуѓување на градежно земјиште во државна сопственост. Цената на оваа спогодба изнесува по 1еу/м2.

-Дали во целава постапка за дооформување на градежно земјиште постои и сомнеж за незаконски дејствија? Дали инвеститорот е свесен дека 7 евра е прениска цена за купување на така ултра луксузна локација морал разликата од тие 7 евра до пазарната цена некаде и некому  да ја доплати ? Дали е ова јавен интерес, интерес на граѓаните на општина Центар и Македонија или сепак се работи за личен и приватен интерес на некои поединци? Зашто градоначалниците на СДСМ од општина Центар и министерството за транспорт и врски криејќи се под превезот на нивните омилени термини “рамномерна урбанизација”  “мораториум на градење” “урбано зеленило” дозволија да се случи огромна бетонизација на центарот на главниот град?, праша Ивановски.

Од Општина центар брзо го отфрлија ова тврдење на ВМРО-ДПМНЕ.

-Општина Центар-Скопје од преземањето на надлежностите од Министерството за транспорт и врски во декември 2018 година, не продала ниту еден квадрат градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија по пат на јавно наддавање. Во случајов се работи за две посебни градежни парцели, од кои за едната, ГП 37.3 со намена А2-домување во станбени згради од ДУП Градска четврт Ј 07, општината поведе постапка за дооформување на градежно земјиште. Сопственикот на парцелата го исполнил условот наметнат од Законот, односно поседувал над 30% од градежната парцела, општината постапила согласно Законот и ја спровела постапката, известуваат од општината.

Појаснуваат дека за другата градежна парцела, ГП 37.2 од ДУП Ј 07, со намена Б 5- хотелски комплекси, сопственикот купил само дел од земјиштето под легализирани објекти, согласно Законот, со што другите постапки за земјиштето не се водени пред Општина Центар.

-Се работи за продажба на земјиште од страна на Управата за имотно правни работи при Министерството за финансии, кое спроведува постапка по барање од инвеститор за приватизација на ова градежно земјиште. Државното земјиште е отуѓено по цена која е формирана со Уредба за висината на надомест за приватизација на градежно земјиште, објавена во Службен Весник уште во 2011-та година, информираат од оваа институција.

Општина Центар, додаваат од таму, во најмала рака сегашното раководство, досега не продала ниту квадрат државно земјиште.

Претходна вестНови 318 заразени и 13 починати од Ковид-19
Следна вестИзвинување за депортација на македонските Евреи од бугарскиот премиер Петков бараат 50 организации за човекови права во светот