Ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, обвинет за незаконски набавки на софтвери, камери и кабини, бара реконструкција на целиот случај: Дали софтверот работи, дали кабините ги има на лице место, дали се функционални. Според него, обвинителниот акт е „паметна будала“, бидејќи пишува дека давал насоки и извршувал, а не може двете нешта да се прават одеднаш.
-Обвинителката ме инспирираше со теориите, па да кажам и ја со теории. Теоријата на случај која Обвинителството ја кажа дека нема потреба за набавка – многу е опасна. Оној кој треба да утврди дали нештото е законски или незаконски, наспроти тоа постоењето на рационално трошење на средствата е Собранието, кое на крај ја усвојува завршната сметка. Во завршната сметка помеѓу останатите работи на Генералниот секретаријат, ги имате и овие набавки кој се предмет на денешното рочиште. Во таква ситуација, ќе ви стане јасно зошто ние бевме држени во притвор – многу е тешко да најдете црна мачка во темна просторија, а уште потешко е да ја најдете ако ја нема. Ние бевме држени во црнина, бидејќи полесно е да се убеди судот и јавноста дека криминалот постои и дека е извршен, а ние, заедно со Даниел бевме чувани за да не….. А ние ќе докажеме дека црна мачка не постои, рече Рашковски на денешното рочиште.
Нему не му е јасно зошто и другите луѓе се обвинети. Тој не може да направи поврзување на сите луѓе, бидејќи вели дека не барал помош за да изврши кривично дело, ниту извршил кривично дело.
Рашковски и останатите шест обвинети се изјаснијс дека не се чувствуваат виновни за набавката на софтверите, кабините, камерите, како и земањето на хонорари од Владата без извршување на работни задачи.
Адвокатот Владимир Доневски кој го застапува Драги Рашковски кажа дека ќе докажат дека системот за мерење на брзина на возилата е имплементиран, а со тоа биле реализирани и обврските на фирмите.
Рашковски посочи дека ќе има интересно судење и побара од судот за секое судење да имаат пристап до телевизор или проектор, да имаат табла за да пишуваат и побара присуство на студенти на судење, бидејќи како што рече тоа го предава и на факултет.
Обвинителката Вилма Русковска го уверуваше судот дека ќе докаже како ексгенералниот секретар набавувал два софтвери, кабини и камери без тие да бидат потребни, ниту можност да се имплементираат.