Местото на С. Македонија е во европското семејство. Ветување? Не можам да ветам. Но, можам да ве уверам дека чиниме сѐ што можеме за пристапните преговори со Албанија и С. Македонија да започнат на следната меѓувладина конференција затоа што тоа е приоритет за ЕК и но за мене, порача денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел. Тој вака одговори на новинарско прашање дали Македонија во јуни годинава ќе ги почне пристапните преговори за членство во Европската унија. На прес-конференцијата со македонскиот премиер, Димитар Ковачевски, Борел повтори дека местото на земјава е во ЕУ и оти Брисел прави сѐ што може преговорите да започнат на следната меѓувладина конференција.
-Знам дека имате одредени очекувања и со право. Треба да почнеме формално преговарање за пристапување на Македонија и Албанија што поскоро и се надевам дека тоа ќе биде можно на следната меѓувладина конференција. Сегашната состојба на статус-кво никому не оди во прилог. Блокадата на пристапните преговори за земјава се чувствува во целиот регион. Неопходно е Северна Македонија да има силна и јасна европска перспектив, нагласи Борел.
Според него, Македонија и целиот регион се стратешки приоритет и ЕУ е посветена европската перспектива за овие земји да ја направи реалност. Тој го поздрави новиот импулс меѓу Македонија и Бугарија, подвлекувајќи дека ги поттикнува двете страни да најдат заемно прифатливи решенија и да ги разрешат билатералните прашања зашто „проширувањето не може да продолжи ако е попречено од билатерални прашања”.
Премиерот Димитар Ковачевски рече пак дека добивањето на датумот има стратешко значење за Унијата и за регионот, поради случувањата во Украина и додаде дека Македонија треба да почне преговори без одлагање.
-Со премиерот Петков на Бугарија градиме нов дух на пријателство, и сме посветени на изнаоаѓање решение. Тоа решение треба да биде во согласност со Уставот и законите, со взаемно почитување на двете држави и двата народи и во согласност со Резолуцијата што ја донесовме во нашето Собрание, рече Ковачевски кој на новинарското прашање дали побарал денес од Борел датум во јуни, рече дека не се врзува за датуми туку за процеси.
Според Ковачевски, единствено целосно обединета, Европа може да биде силна.