Продолжуваат воените дејствија во Украина. Продолжуваат, па застануваат преговорите помеѓу делегациите од Украина и Русија.
Попладнево, преку видео врска, започна четвртата рунда преговори во ситуација кога воените дејствија се разгоруваат на деветнаесеттит ден од рускиот упад во Украина. По извесен период денешната четврта рунда разговори меѓу Украина и Русија е прекината и разговорите ќе продолжат утре на15 март. Михајло Подољак, висок советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, истакна дека паузата е дадена за да се овозможи дополнителна работа во работните подгрупи и да се разјаснат поединечните дефиниции.
Пред состанокот тој укажа:
– Преговори. 4-ти круг. За мир, прекин на огнот, итно повлекување на војниците и безбедносни гаранции. Тешка дискусија. Русија е се уште е во заблуда дека 19-дневното насилство врз украинските мирни градови е правилна стратегија, напиша Подољак на Твитер.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно порача дека делегацијата има јасна задача – да направи се за да обезбеди средба меѓу него и Путин, а дотогаш побара да продолжи борбата.
На терен војната продолжи. Гранатирање имало на станбен блок во Киев, во кој официјално има еден загинат и неколкумина повредени. Била гранатирана и администратината зграда на фабриката за авиони „Антонов“, лоцирана на аеродромот Свијатошин, на околу 10 километри од центарот на Киев.
Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека најмалку 20 лица загинале, а 28 се ранети при експлозија на украинска касетна ракета во главниот град на регионот Доњецк кој од 2014 година не ја признава украинската власт.
-Украинската ракета Точка-У била пресретната и соборена, но парчиња од неа паднале во центарот на градот, убивајќи цивили. Има и деца меѓу загинатите, рекол локалниот лидер Денис Пушилин, пренесе ТАСС.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва планира да избегне цивилни жртви и да се воздржи од напади на големи населби, вклучително и Киев. Но, во изјавата емитувана на државната телевизија Русија 24, Песков исто така рече дека урбаната војна „неизбежно ќе доведе до голем број цивилни жртви“.
Украинскиот претседател Володомир Зеленски ќе има обраќање во американскиот Конгрес в среда, на 16 март. Според американските медиуми, обраќањето ќе биде во 1 часот по Гринич, преку видео-врска.