Министерот за економија Крешник Бектеши тврди дека има повеќе од доволна количина брашно во државата, а мелниците имаат задоволителна количина залихи за да ги покријат потребите на домашниот пазар. Тој уште еднаш повтори дека нема никаков простор да се создава паника кај граѓаните за непотребно купување брашно.
-До крајот на неделата очекуваме целосна стабилизација на пазарот и во зависност од информациите ќе се укине и забраната за извоз која што беше донесена минатата недела, кажа Бектеши.
Тоа што институциите се во постојана комуникација со српските власти за обезбедување на дополнителни количини на пченица, не значи дека не се покриени домашните потреби, туку овие количини се со цел одредени наши компании производители на брашно кои се извозници во регионот, по стабилизација на пазарот да може и да извезуваат и да станат поконкурентни и во време на криза.
Тој повтори дека инспекторите се на терен и минатата недела седум супермаркети се казнети со по 7.000 евра за непочитување на одлуките.