За по околу една третина е намален број на новозаразени и на починати лица од Ковид – 19 во Македонија, во периодот од 7 до 13 март, во споредба со претходната седмица, покажува редовната анализа на Институтот за јавно здравје.
-Во овој период регистрирани се 1.818 нови позитивни случаи од 30 градови во државата, со намалување од 27,4 проценти во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 7,8 отсто до 13,8 проценти, просечно 11,6 отсто, се наведува во извештајот.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје – 983, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 167,6/100.000, Ресен – 163,4/100.000 и Скопје – 155,0/100.000. Меѓу новозаразените најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години – 505, а најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години – 60. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 267 реинфекции, со намалување од 28,2 отсто во однос на претходната недела.
-Пријавени се 34 смртни случаи во 13 градови во текот на изминатата недела, за 33,3 проценти помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (17). Во однос на возраста, регистрирани се 33 починати од возрасната група над 60 години и еден починат од возрасната група од 50-59 години, наведува ИЈЗ.
Заклучно со 12.03.2022, вакцинирани се вкупно 871.669 лица со барем една доза на вакцина против Ковид-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 851.655 лица, а со трета доза се вакцинирани 147.223 лица.