ЕУ: Благодарност – ДА, но компензации НЕ за Македонија поради санкциите кон Русија

Македонија нема да добие средства од ЕУ како компензација за штетите кои ќе ги претрпи поради тоа што се придружила на воведените санкции кон Русија со која имаше добра трговска соработка. Освен Македонија, вакви компензации нема да добијат ниту другите држави од регионот на Западен Балкан кои решиле да им се придружат на санкциите воведени од ЕУ.

Дописничката на државната агенција МИА од Брисел денеска јави дека Европската комисија ја поздравува усогласеноста на Македонија и Албанија со санкциите на ЕУ против Русија, но таргетирани финансиски компензации не се на маса. Македонија и Албанија, како што порача попладнево портпаролот Петер Стано, се две земји во регионот кои стопроцентно се усогласени со санкциите на ЕУ против Русија, за што Европската унија е многу благодарна.

-Високиот претставник на Борел порача дека ЕУ цени и поддржува што Северна Македонија и Албанија се усогласени со санкциите, ова се две земји кои не ги започнале преговорите, а стопроцентно се усогласени со санкциите, ЕУ ова многу го цени, изјави Стано.

Во веста се наведува дека што се однесува до компензации за земјите кандидати кои се усогласени со санкциите на ЕУ, тие не се предвидени и дека веќе постојат фондови за поддршка на земјите од Западен Балкан.

Инаку, за разлика од Македонија, Србија, која веќе преговара со ЕУ, не ги следи санкциите на ЕУ, а во други земји во регионот, како Црна Гора, чија економија е поврзана со руската, би можеле да одлучат до летото да ги олеснат санкциите кон Москва за да ги ублажат последиците врз домашните економии.

Стано, запрашан за ова денеска, одговори дека од земјите кандидати се очекува да се усогласат со санкциите и дека Европската комисија го цени фактот што Србија и Турција, кои не ја санкционираа Русија, ја поддржаа резолуцијата за осуда на руската инвазија на Украина во Обединетите нации.

Вчера, при посетата на Македонија високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел го поздрави фактот дека Македонија се се придружила кон заедничката политика на Унијата кон Русија и со воевдените санкции. Тој рече дека „тоа е морален избор на идните членки на Унијата“. Но, и покрај тоа, земјите кандидати како Србија, Турција… решиле да не воведат санкции туку и натаму деловно и на друг начин да соработуваат со Русија и да оставруваат приходи за своето стопанство а другите загуби. Во случај на Македонија загубите нема да бидат мали. Иако е Русија на дваесетото место на листата на значајни партнери на Македонија и обемот на трговската размена се движи околу 200 милиони долари и дека тоа е само 1,2 отсто од нашата вкупна трговска размена, за македонско стопанство на кое му е важно секое евро, тоа е значителна загуба. Стопанските експерти веќе проценија дека најголеми штети ќе претрпат фармацевтската и земјоделско-прехранбената индустрија, бидејќи тие учествуваат со најголем обем во трговската размена со Русија. Посебно, значи, извозот на лекови, на овошје и зеленчук.

Колку ќе изнесува загубата, доколку македонската држава и производители не најдат нови пазари, брзо ќе се види. Дали таа ќе може да се компензира од фондовите за поддршка на ЕУ, Петер Стано денеска не објасни.

Претходна вестСе чека епилог од украинско – руските преговори, тројца европски премиери во посета на Киев
Следна вестРусија воведе санкции за Бајден, за министрите за надворешни и одбрана и за шефот на ЦИА