Не е лесно да најдеш паркинг место во Аеродром. Особено во двa – три реона на оваа веќе пренатрупана со високи згради скопска општина. Лек за тоа до сега се бараше половично. Што ќе направи новиот градоначалник?
Се најавува дека најголемиот дел од урбаното подрачје на Аеродром ќе биде со зонско паркирање и со плаќање на паркинг. И населбата Стар Аеродором наскоро ќе добие зонско паркирање по барање на граѓаните. Била спроведена анкета меѓу жителите на 18 згради.
-По нивно барање ќе воведеме зонско паркирање, како едно од најсоодветните решенија за овој дел од Аеродром. Зонското паркирање кое е воспоставено и во други делови од општината се покажа како успешен начин за решавање на проблемот, изјави градоначалникот Тимчо Муцунски.
Општината веќе спроведува анкети меѓу граѓаните и за воведување зонско паркирање и во Ново Лисиче, а наскоро ќе започне анкетирање на жителите во Реонски центар. Тоа значи дека мошне е извесно дека и на тие урбани подрачја ќе се плаќа паркирањето. Со таа обврска, од која ќе бидат изземени жителите, практично зонско паркирање ќе го опфати подачјето од Нова Железничка станица па се до крајот на населбата Ново Лисиче…
Но, колку ова навистина е вистинскиот нашин за решавање на проблемот со паркирање? Ваквата најава денеовиве предизвика и бројни рекации на граѓаните на соцојалните мрежи. Во коментари на Фејсбук страницата на општина Аеродром граѓаните му порачуваат на градоначалникот Муцунски дека проблемот со паркирањето треба да се решава на друг начин.
-Џабе зонско кога нема доволно простор! Треба нови паркинзи да се изградат и да се престани со давање дозволи без обезбедени паркинг места!!! Не е проблем зонско паркирање туку што се набутаа милион згради… Во Ново Лисиче расчистете ги хаварисаните возила кои држат 80 отсто од паркинг места… Зонското нема ништо да реши, Центар е жив пример за тоа…, порачаа дел од граѓаните.
Реагираа и од партијата „Левица“.
– Во реалноста зонско паркирање е само удар врз сиромашните и воведување на уште еден арач, како дополнителен товар врз и така тенкиот семеен буџет. Аеродромци во околината на „Бисер“ и „Капитол“ веќе имаат зонско паркирање, но тоа не го решило реалниот проблем за дополнителни паркинг места. Нудиме решенија во поддршка за изградба на монтажни паркиралишта и катни гаражи. Со обезбедување на паркиралишта, наплатата за истите ќе стане безпредметна, изјавија од Левица.
На потег е градоначалникот. Токму Муцунски во својата изборна програма на аеродромци ветил средувањето на сообраќајниот хаос.
-За надминување на овој проблем се обврзуваме до крајот на мандатот да обезбедиме 3.000 нови паркинг-места на територија на општината, беше ветувањето на Муцуски.
Во програмата се наведени и конкретни локации на кои треба да бидат направени нови паркинзи.
Да се надеваме дека градоначалникот ја препрочитува својата програма.