Владата и министерствата спровеле само 30 отсто од препораките на ДКСК

Процентот на реализација на активностите и на препораките е многу мал и недоволен за успешно справување со корупцијата, предупреди денеска Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата. Таа зборуваше на денешната тркалезна маса „Култура на интегритет – Пат до успех во борбата против корупцијата“.

-Од извршената анализа за спроведување на препораките на ДКСК од страна на Владата и надлежните министерства констатиравме низок степен на спроведување на препораките, околу 30 отсто, што е многу ниско за успешно справување со корупцијата, предупреди Ивановска.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, потенцира дека политичката волја е клучна во борбата против корупцијата.

-Пред нас имаме многу работа. Тоа не е еднократен акт на дејство, тоа е воспоставување систем каде луѓе со високи етички и морални вредности ќе бидат дел од раководење со сите институции. Оние институции и организации, кои се најмногу изложени на можноста за корупција вообичаено со текот на времето, доколку нема добра легислатива и добро не се спроведува, стануваат најотпорни на притисок и продолжуваат на начинот на кој работеле до денот кога кај нив се правела контрола, потенцира Ковачевски.

Тој повика да се истражи скандалот кој го обелодени Антикорупциска – дека фирма за сервисирање лифтови, со фалсификати добила околу 90 тендери, главно од јавни институции, кои и плаќале со пари од буџетот.

-Ние сме држава во која постои сомнеж дека фирма која не постои добила 90 тендери, замислете да постоела колку ќе добиела. Тоа мора да се искорени, потецнира Ковачевски.

Претходна вестАко не се постигне договор со Владата за платите, СОНК ќе оди на протест или штрајк
Следна вестПендаровски ги поздрави напорите на РСБСП за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата