Цела година во кафеана во Гостивар жени од Русија, Украина и Србија биле сексуално злоупотребувани и се продавале како проститутки.
Полицијата поднесе кривична пријава против 52 годишниот Н.Р. сопственик на угостителскиот објект.
-Пријавениот, во периодот од средината на март минатата година, па сè до 20 март оваа година во угостителски објект на подрачје на Гостивар со кој управувал, подолг временски период со употреба на сила и закана, како и со злоупотреба на својата положба, подведувал на вршење проституција повеќе женски лица, наши и државјанки на Русија, Украина, Србија, за одреден паричен надоместок.Тие биле и трудово експлоатирани, со што стекнал за себе противправна материјална корист, се вели во соопштението на МВР.
Полицијата направила претрес во угостителскиот објект и во деловни простории кои ги користи угостителскиот објект во Гостивар во село Добри Дол. Бил затекнат газдата и три странски државјанки од Србија и една наша државјанка, како и шестмина гости во објектот. На сопственикот му е одреден притвор во траење од 30 дена.
Тој е од селото Леуново, со престој во Добри Дол, гостиварско, и се гони за сторено кривично дело „трговија со луѓе“.