Македонските фудбалски репрезентативци синоќа неизмерно ја израдуваа Македонија. Со цврста и тактичка борба го победија европскиот првак – Италија. Браво за сите фудбалерите и селекторот Благоја Милевски. Воедно и големо благодарам за радостите што ги донесоа во овие времиња на кризи и стресови.
Сега на ред е Португалија. Македонските фудбалски воини има што да покажат и на феноменалниот Роналдо.
А што Ристовски, Барди, Трајковски… ни покажаа нам во Македонија? На теренот тие држеа лекции. Дали сме подготвени да ги научиме?
Фудбалските лекции по овој натпревар спортските аналитичари сигурно ќе ги третираат како уроци за концепција, тактика…
Животната лекција која ја одржаа македонските фудбалери треба да ја научиме сите во Македонија. Сижето од лекцијата е: многу наизглед невозможни работи можат да се постигнат со заедништво, упорност и самодоверба.
Различни карактери и години, различни по етничко потекло, Македонци, Албанци, Турци… сите тие го облекуваат македонскиот дрес и се борат да победат. Имаат заедничка цел – да се постигне успех. Знаат дека само заедно можат тоа да го остварат.
Праксата покажа (со победата и врз Германија и особено со пласманот на ЕП) дека лекцијата од фудбалерите е од поодамна научена, а сега само нам ни ја пренесуваат.
Ехх…, колку би било убаво оваа лекција да можат да ја научат и политичарите во Македонија. Нив им фали осет за заедништво и самодоверба пред „неприкосновени европски величини“.
Среќа ги имаме фудбалските учители кои сигурно ќе држат уште лекции, па ќе може сите ние да си ги приповториме и да ги научиме.