Се средува ли проблемот со бездомните кучиња во скопски Аеродром? По бројните поплаки на граѓаните за повеќе глутници кучиња во различни делови од населбата, од Општината велеа дека проблемот се решава. Но, кучињата се насекаде.
По инцидентот во којшто жена беше искасана и при падот ја повредила раката, како и по други напади, ЈП „Лајка“ соопшти дека се заловени кучињата кои биле посочени дека ги извршиле нападите. На кучињата им е направен тест за социјализација по што ќе се види каква ќе биде нивната иднина.
Сепак, нелагодноста, а кај некои аеродромци и стравот – останува. Глутници и натаму крстарат по населбата, а повеќе кучиња се постојано присутни на неколку локации – кај ТЦ „Капитол“, кај големата спортска сала, во Ново Лисиче…
-Често поминувам покрај кучињата на пешачкиот кај трговските центри „Капитол“ и „Бисер“. Често се мирни, ама некогаш и нагло скокаат и тршаат лаејќи кон возила или велосипедисти. Тоа ми прави страв како ќе реагираат. Гледам дека имаат маркички, дека се третирани, но несигурно се чуствувам, преку интернет ни објасни аеродромецот Марко П.
Градоначалникот на оваа општина Тимчо Муцунски имаше средба со надлежните од „Лајка“ по што беше најавено дека проблемот ќе биде решен „системски и долгорочно“. Што тоа значи останува да се види.