Политиката не треба да го лекува судството – само треба да се тргне настрана

Македонската јавност не му верува на судството. Одамна е така. Тоа се слушна и на вчерашната конференција насловена како „Судска независност низ реформскиот процес – очекувања и реалност“ што се одржа во Скопје. Само 8 проценти од населението верува во судството и обвинителството. Се бара ли чаре?

Граѓаните во Македонија не веруваат дека во судниците се пресудува непристрасно, објективно, дека пресудите и поблаги казни не се купуваат со пари, со унапредувањата и слично. Таков впечаток е добиен по многу сомнителни одлуки во „име на граѓаните“. Бавни процеси, застарување на случаи, изрекнување на благи и ослободителни пресуди, престрогост во одредени предмети, обвинителска млакост… 

Секогаш први на оваа тема се јавуваат политичарите. Тие ќе го барале чарето. Тие правеле реформи, тие…

Во тоа име се менуваа многу закони, се менуваа начини на функционирање на судовите, се вршеа кадровски промени, се јакнеше транспарентноста… Министерите за правда, како на пример, поранешниот Бојан Маричиќ, ветуваа дека правда ќе биде достапна и отворена за сите, дека речиси сите закони се донесени и дека сега е време „да се имплементираат“.

А всушност само треба политичарите да се тргнат од судството. Тешко може да поправа доверба кон судството некој кој исто така нема доверба кај граѓаните.

За една таква реформа, која што ќе го тргне влијанието на политичарите, всушност, не треба многу, не е потребно да се менуваат многу закони и да се држат многу советувања. Доволно е само политичарите да се тргнат од влијанието врз судството! Тоа треба да го направат самите политичари, но и судиите и обвинителите треба да им покажат каде им е местото.

Претходна вестБездомните кучиња го „шпартаат“ Аеродром, се решава ли проблемот?
Следна вестГрижата за отпадот е грижата за државата