Со добри услови македонските гратчиња можат да бидат како швајцарските

Колумна на Гарбиела Арсова:

 Седам со една пријателка, си зборуваме за живеачката во помалите места, кога таа  ми вели: Еее, еднаш кога бев во Швајцарија, во едно мало градче, ех да видиш живот! Зошто нас не не бива за тоа? Да видиш само, малечко ама организирано место. Одгледуваат лозови насади, имаат домашни вина. Те канат по дворовите, на чаша вино, па малку пршутка, па малку ова, она и ОП – ем парите ќе ти ги земат, ем убави спомени ќе ти подарат! А ништо посебно немаат по дворовите.

Долго размислував после нашиот разговор. Што се не извртев во глава… Изгледа по комшии и пошироко по светот поинаку се организирани по малите места. Посебно оние кои се водат како туристички дестинации. Насекаде имаат мали продавнички на сувенири, разни занаетчиски работилници, слаткарници со 3-4 масички, вкусотии за од нога, улични продавачи на што ли не. Има европски земји во кои крај патот продаваат и мед, компир…. Некаде се уште има рачно ткаени килими, се уште се купуваат рачно изработени вазни, се уште се дува стакло. Има држави во кои 100% се субвенционира одржувањето на старите занати.

Нормално си помислив и на нашите мали места… Регионите кои се пред умирање, а кои имаат предиспозиции да бидат туристички места. Си мислам и се прашувам? Компир ли нема, мед ли недостига, ракија ли не може да се произведе? Нели органското е бараното? Сирења ли нема? Колку јамболии, колку килими, рачни везови, плетива имаа по ковчезите и шифоњерите. Природна вистинска волна! Највистинска! Чинам веќе ретко кој знае како се изработуваат…  Народот е гостопримлив, љубезен. Дури и си отпоздравуваме по улиците.

Се има, а ништо нема. Еве во Источна Македонија веќе 20-тина години нетрпеливо се чека да се отвори граничниот премин Клепало. Да јурнат туристи. Можеби. Веројатно. Да, но тоа е можеби потребен но не доволен услов за да се функцинира. Зошто? Тешко е да се објасни во неколку реда зошто. Ако тргнам да објаснувам што, зошто и како и омилената ми Шехерезада би можела „вода да ми носи“! А и дали некому му е гајле?

Па сепак…Можеби ни е потребен еден парламент кој ќе се занимава со законите и законските регулативи кои секојдневно не допираат? Можеби ако не се дозволува децентрализација може да се донесат специјални закони од времен карактер за региони на кои има треба развој како семејни туристичка дестинација? Таквите законски регулативи би им помогнале на луѓето да останат во своите домови, да видат надеж дека може да живеат, па и да заработат?

А и за да им земате на лугето, прво треба да им создадете услови, да им овозможите да заработат! Во државава се е така организирано и законски регулирано што не смеат да помислат ниту да мислат за сопствените идеи, а каде ли да реализираат нешто!!!

Та што сакам да речам… Ако се создадат услови и тоа конкретно законски регулативи во припомош на развојот на регионите, можеби малите места во Македонија навистина да бидат како малите места во Швајцарија!

 

Претходна вестЕУ да покаже повеќе сериозност кон Македонија, а нашите политичари повеќе достоинство
Следна вестВикендов почнува летното сметање на времето