Проруски сепаратисти од Луганск најавуваат референдум за приклучување кон Русија

Наскоро би можел да се организира референдум за приклучување кон Русија на проруската самопрогласена „Народна Република Луганск“ во источна Украина, изјави лидерот на сепаратистите во Луганск, Леонид Пашечник во изјава за руската агенција РИА, пренесува Би-Би-Си.

– Мислам дека во блиска иднина ќе се одржи референдум на територијата на републиката, рече Пашечник и додаде: „Народот ќе го искористи своето најголемо уставно право и ќе го каже своето мислење за приклучување кон Руската Федерација“.

„Народна Република Луганск“ е самопрогласена парадржава во источна Украина, управувана од проруски сепаратисти. Рускиот претседател Владимир Путин ги призна самопрогласените „републики“ Луганск и Доњецк како независни држави во пресрет на инвазијата на Украина.

Луганск е најголемиот и главен град на истоимениот регион. Во самопрогласената република живеат околу 1,5 милиони луѓе.

Од друга страна, шефот на украинската воена разузнавачка служба Кирило Буданов изјави дека Русија се обидува да ја подели Украина на два дела за да создаде регион под контрола на Москва, откако таа не успеа да ја преземе целата земја.

-Всушност, тоа е обид да се создадат Северна и Јужна Кореја во Украина, рече Буданов во изјавата, додавајќи дека Украина наскоро ќе започне герилска војна на територијата окупирана од Русија.

Во петокот руската армија објави дека првата фаза од војната е завршена и дека во наредниот период фокусот ќе биде ставен на „целосно ослободување на Донбас“, регион во источна Украина каде прогласија независност во 2014 година во регионите Луганск и Доњецк.

Претходна вестСкопјанец загина во сударот помеѓу „ауди“ и „опел астра“
Следна вестЧичко удри внук возејќи рикверц во двор