Во предметот за извидничкиот камп нема место за јавнообвинителско постапување, оцени Основното јавно обвинителство Скопје. Оттаму посочуваат оти оваа резолуција е донесена по целосното испитување на наводите поврзани со настанот од извидничкиот одред „Прв скопски извиднички одред“ со наслов „Sex Scouts, Rock and Roll“, откако претходно беше пријавен од родител на еден од извидниците кои учествувале на настанот оти не бил само едукативен, туку дека во него имало и елементи на детска порнографија.
Со цел испитување на случајот, како што појаснуваат од Јавно обвинителство, испитани се сите учесници на настанот, а на еден од водичите му бил одземен мобилниот телефон, на кој би се очекувало да се пронајдат записи кои произлегуваат од настанот, а кои би можеле да послужат како доказ во кривичната постапка.
-По проучување на сите материјални и вербални докази, а пред сè на исказите а сите кои учествувале на настанот, и тоа и извидници и водичи, како и лица од „Прв скопски извиднички одред“ кои биле задолжени за организирање на настанот, јавниот обвинител утврди дека во конкретниот случај ни еден од елементите кои се дефинирани во Кривичниот законик како елементи на кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија од чл.193-а од КЗ или друго кривично дело не се евидентирани во дејствијата на кој било од учесниците, објаснуваат од Основното јавно обвинителство Скопје.
Сите инволвирани учесници меѓу кои и волонтерите, водичите и самите извидници кои учествувале на настанот, навеле оти станува збор за настан кој се одвивал во повеќе етапи. Покрај класичните извиднички дејствија, имало и активности кои биле насочени кон превентивна сексуална едукација за лица на возраст од 16 до 21 година.
-Покрај класичните извиднички дејствија, а тоа е преминување одредена територија пеш, врзување јазли, логорување, подготовка на храна и слично, биле додадени и вежби и активности кои што претставуваат сексуална едукација на лицата кои што учествувале со нагласка дека станува збор за лица на возраст од 16-21 година. Дејствијата биле насочени како превентивни, но и едукативни материјали кои директно и индиректно би значеле заштита од венерично преносливи заразни болести и заштита од несакана бременост, појаснуваат од Јавното обвинителство.
Ова, посочуваат од Обвинителството, било спроведено низ игри и вежби, за кои анализата дали одговараат или не на возраста на учесниците и дали природата на вежбата е во согласност со нивните потреби може да се врши низ социолошки аспект, но не и да биде предмет на кривично-правна одговорност, бидејќи дејствијата не ги содржат елементите на предметните кривични дела предвидени во законот.
-Воедно, во прибавените материјали од одземениот мобилен телефон од учесникот кој што според подносителот на пријавата вршел фотографирање на настанот, не може да се забележат содржини кои имаат елемент на порнографија или детска порнографија, односно ниедна од анализираните содржини не укажува на материјал кој визуелно прикажува очигледни полови дејствија со дете или повозрасно лице кое изгледа како дете, заклучуваат од ЈО.
Случајот лани во медиумите го откри родител кој сведочеше дека неговата малолетна ќерка доживеала шок и трауми на извидничкиот камп организиран на крајот во септември во близина на Скопје, насловен како „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рокенрол“. Според сведоштвата на неговата ќерка за кои тој зборува во аудиоснимка објавена на „Слободен печат“, на кампот имало непримерни активности во кои малолетници, меѓу другото, „симулирале секс-пози до манастир“ под превез на сексуална едукација.
Сите институции кои на каков било начин беа поврзани со овој извиднички одред, се изјаснија дека не знаеле за настанот.