Денеска протест на синдикатите во КСС, на 11 април генерален штрајк на СОНК

Поради неусогласеноста на платите со минималецот, за денеска пред Собранието и Владата е најавен предупредувачки протест од страна на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), кој е поддржан и од Синдикатот за образование и наука (СОНК).

Доколку нивното барање за усогласување на платите со минималецот не биде исполнето, раководството на КСС најави генерален штрајк.

Отакако Владата донесе одлука за покачен минималец, КСС подолг период бара усогласување на платите со минималната плата, за како што посочуваат оттаму, да нема ситуации во кои вработени на различни позиции и со различен степен на образование да земаат иста плата. Оттаму бараат покачување на бодот за да може да се задржи распонот на разликата меѓу платите на останатите вработени.

Протестот ќе започне пред Собранието од 15:30 до 16:30 часот по што ќе продолжи пред Владата, а засега, како што изјави претседателот на КСС, Благоја Ралповски, нема најава за средба во Владата.

Минатата среда во Владата во рамки на Економско-социјалниот совет беше разговарано за ова прашање, но не се постигна конкретен договор по што КСС најави дека останува на ставот да се одржи предупредувачкиот протест.

Од Владата, пак, порачаа да продолжи социјалниот дијалог и доколку е потребно да се отворат колективните договори и да се види дали има можност за усогласување на платите.

Вчера, пак, Синдикатот за образование и наука (СОНК) беше на средба со Владата на која се разговараше за усогласување на платите во образовниот сектор со минималната плата, но не се постигна договор, а од Владата најавија продолжување на дијалогот, се додека не се најде конечно решение за зголемување на вработените во образовниот сектор. СОНК најави генерален штрајк на 11 април до исполнување на барањата.

Претходна вестОЈО не најде кривични елементи кај случајот со извидничкиот камп на кој се симулирал секс со малолетни
Следна вестЗа 20 години во Скопје има 3,9 отсто повеќе жители, а дури 30 отсто повеќе станови