Милошоски: Овој попис е неуспешен и некоплетен

Пописот покажува алармантни бројки за преголемо иселување кои се поразителни за сите општини освен за градот Скопје, и за целата држава, оцени денеска Антонио Милошоски.

Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ пописот кој власта сака да го покаже како успех, е неуспех, а бројката од 7.2% неизјаснети покажува дека овој попис е некомплетен.

-Пописните бројки се показател за неуспех бидејќи има силен бран на иселувања, имаме операција спроведена со низа забелешки, и со многу политика и затоа сметаме дека ваквите бројките секој има право во истите да се сомнева. Не сакавме да коментираме додека не излезат официјалните бројки, но она што со сигурност може да се констатира дека и пред објавата на резултатите и за време на самата објава на резултатите партиите од власта се играа со проценти и се уште го прават тоа што пописот многу го политизира, рече Милошоски коментирајќи ги бројките.

Тој рече дека за првпат во Македонија имаме една сериозна бројка од 7.2% или повеќе од 132.000 за кои што ДЗС и покрај тоа што ги има на располагање сите механизми од образование, до лични карти, матични броеви, изјаснување, по други институции, не успеал да ја дефинира припадноста на овие 132.000 македонски граѓани, жители на државата.

-Во општина Аеродром имаме 5.247 Македонци кои не се попишани, во општина Ѓорче Петров имаме 4.450 Македонци кои не се попишани, во општина Центар 5.000, исто и во Битола повеќе од 5.000, во општина Велес 4.700 Македонци, Кавадарци 2.500, во Кочани 2.400 Македонци не се попишале, во Охрид 4.300 Македонци коишто не се попишале, во Прилеп 5.000 Македонци, во Струмица имаме рекордни 6.640 Македонци кои не се попишан, во Штип околу 4.400 Македонци кои не се попишале на оваа статистичка операција. И со тоа сметаме дека оваа статистичка операција неуспевајќи да ги дефинира сите параметри на овие присутни жители во државата го прави пописот некомплетен, рече Милошоски.

Споредбено со пописот од 2002 година, според ВМРО-ДПМНЕ има околу 200.000 граѓани кои што се иселени и сметаат дека оваа бројка е поразителна на државата, за сите општини, а особено за неуспешните економски политики на актуелната Влада.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека по смената на власта ќе се спроведе чисто електронски попис по сите европски стандарди за да биде и комплетен, и веродостоен и да ги нема фалинките и недостатоците кои што ги имаат овие пописни бројки.

Претходна вестСудијата Нанев под лупа поради патувањето во Палермо
Следна вестЛевица не го признава пописот, најави кривични пријави