Левица не го признава пописот, најави кривични пријави

По објавувањето на денешните резултати од спроведениот попис, пратеникот на Левица, Борислав Крмов, ги оспори резултатите, нарекувајќи го политичка операција изведена под палка на ДУИ, а одобрена од СДСМ.

-Прво Законот го шверцуваа со европско знаменце, што не е случај во ниту една држава. Потоа имавме попис на дијаспора што не е случај во ниту една држава, имавме попишување со само давање на матичен број, што ги крши сите меѓународни стандарди. Имавме ситуација да може трети лица да даваат лични податоци што е забрането со меѓународни конвенции кои што Република Македонија ги има ратификувано. Имаме ситуација документи за идентификација да бидат насловени како „соодветни документи”, значи намерно не се прецизирани за да може да имаме манупулации. И на крај секако, врзаниот потпис на заменик директорот на ДУИ, за да може да ги добиеме овие, би ги нарекол, буквално фалсификувани и штелувани резултати кои што ги добивме, изјави Борислав Крмов на прес-конференција.

Според него освен што околу 132.000 граѓани не биле попишани, за Левица еден од најголемите проблеми е попишувањето на дијаспората, за што, според партијата, со еднострано лобирање на министрите на ДУИ, како и користењето на државјанство како главен критериум за попишување, дошло до помешување на резидентното население и иселениците.

Пратеникот од редовите на Левица додаде и дека неговата партија нема да го признае „овој фингиран попис“ и најави и „кривични пријави“ за спроведувањето на истиот.

Претходна вестМилошоски: Овој попис е неуспешен и некоплетен
Следна вестАко до 11 април не се договори зголемување на платите, наставниците и воспитувачите излегуваат на штрајк