Двајца пијани прилепчани тешко повредиле полицаец

Н: Двајца пијани прилепчани тешко повредиле полицаец

Двајца прилепчани кои биле во алкохолизирана состојба завчера нападнале четири полициски службеници при што тешко повредиле еден од нив во инцидентот што се случил во Прилеп, соопшти денеска Основното јавно обивнителство од Прилеп. Лицата се ставени во 30-дневен притвор.

Во соопштението на ОЈО се наведува дека е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.

-Осомничените прилепчани, на возраст од 31 и 28 години, на 3 април во раните утрински часови, пред ноќен клуб на  улицата „Рампо Левката“ во Прилеп, физички нападнале четири полициски службеници кои вршеле работи на јавната безбедност што се однесуваат чување на јавниот ред и мир, се наведува во информацијата.

ОЈО информира дека откако обезбедувањето на ноќниот клуб ги отстранило осомничените и уште две лица, бидејќи направиле инцидент расправајќи се меѓу себе, тие продолжиле со расправијата непосредно пред објектот. Потоа започнале и физички да се пресметуваат, па полициските службеници дошле пред објектот за да интервенираат.

-Кога пристигнала полициската екипа и се легитимирала, двете други лица чиј идентитет не е утврден се дале во бегство, додека осомничените, кои биле во алкохолизирана состојба, почнале да даваат активен отпор и физички ги нападнале полициските службеници, удирајќи ги со раце и нозе. Од задобиените удари еден полициски службеник паднал на земја, а обвинетите продолжиле со нозе да го удираат по телото и главата, со што му нанеле тешки телесни повреди, се додава во информацијата.

Претходна вестЗошто СДСМ и ДУИ бегаат од темата – иселувањето на населението? 
Следна вестАнкета: ВМРО-ДПМНЕ со убедлива предност, „Левица“ ја стигна ДУИ