Борби за Мариупол, се спремаат нови санкции за Русија

Жестоките борби и руските воздушни напади продолжуваат во опколениот пристанишен град Мариупол на југоисточниот дел на Украина во текот на 42-от ден од руската воена инвазија во Украина. Шефот на Националниот центар за одбранбена контрола на Русија, генерал полковник Михаил Мизинцев изјави дека ги повикале украинските војници да се предадат.

-Украинските сили во Мариупол беа повикани да го положат оружјето, а руската страна предложи денеска во тој град да се спроведе специјална хуманитарна операција, изјави Мизинцев.

Мизинцев истакна дека „украинските војници, националисти и странски платеници кои се етаблирале во Мариупол биле повикани да го положат оружјето и нивните животи ќе бидат поштедени“.

Според последните информации, во градот остануваат околу 160.000 жители – повеќето без струја, комуникации, лекови, парно или вода. Мариупол е опколен од руските сили од почетокот на март. Украинската армија соопшти дека нејзините војници ги одбиваат нападите врз градот повеќе од 40 дена.

САД денеска ќе објават нови санкции против Русија, кои ќе ги воведат во координација со членките на Г7 и ЕУ.

Украинскиот претседател Зеленски од Советот за безбедност побара итен процес за воени злосторства против Русија. Тој им презентираше ужасни слики од Буча на видливо шокираните членови на Советот за безбедност. Слики во зборови и видео снимки: измачувани, осакатени, делумно изгорени тела на деца, жени, мажи.

-Ужасните злосторства од Буча не се единствен случај: „Светот сега виде што направи Русија во Буча, но светот нема видено што има таа направено во други окупирани градови и региони во нашата земја, рече тој.

Амбасадорот на Москва во Советот за безбедност, Василиј Небенсја, го отфрли и рече дека се работи за „неосновани обвинувања“ и лаги.

-Нема сведоци за она што го тврди Зеленски, а телата на фотографиите од Буча не биле таму кога руските трупи се повлекле од градот. За тоа постојат видео докази, рече Небенсја.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш побара независна истрага на злосторствата.

 

Претходна вестАвтомобил удри во оградата на руската амбасада во Букурешт, возачот загина
Следна вестОбид за евакуација од Мариупол, украинско – руска размена на обвинувања во ОН…