Зошто градските претпријатија вработиле 170 лица кога Шилегов велеше дека има превработеност?

Зголемувањето на бројот на вработените во ланската изборна година не било карактеристично само за Градот Скопје и неговата администрација туку и за градските јавни претпријатија. Деновиве промовираниот Годишен извештај од Регистерот за бројот на вработените во јавниот сектор за 2021 година покажа дека минатата година градската администрација се зголемила за уште 83 вработени со што вкупната бројка на вработени од дотогашните 640 се искачила на 723. Но, овој Регистер покажува и зголемување на бројот на вработени во повеќе јавни градски претпријатија.

Така, на пример, се гледа дека само во пет јавни градски претпријатија лани во изборната година биле примени вкупно 170 нови вработени. Најголем дел од нив, вкупно 90, биле примени во ЈП „Комунална хигиена“ која со ова на крајот од минатата година има 1.321 вработен, додека во 2020-та година имала 1.231. Нови, 23 вработувања, лани биле направени и во ЈП „Паркови и зеленило“ и тоа градско претпријатие сега има 534 вработени а во прекланската година имало само 510. Списокот на вработените лани е зголемен и во ЈП „Водовод и канализација“ за 23 вработени и со што таму плата сега змеаат 1.224 лица а во 2020 година ги имало 1.201. Повеќе вработени сега има и во ЈСП „Скопје“ откако лани биле примени нови 18 вработени и со што на платниот список таму сега има 1.325 лица а претходнои имало 1.307. И во ЈП „Градски паркинг“ се зголемил бројот на вработени – лани се примени нови 15 вработени иако во 2020-та година ги имало вкупно 252.

Биле ли неопходни овие вработувања? Се подобрил ли работниот процес во претпријатијата кои се грижат за Скопје?

Инаку, намалување на бројот на вработените е забележано во ЈП „Улици и патишта“, за 13 лица. Така, ова претпријатие сега има 236 работници а имало 249.

За потсетување, пред четири години тогашниот градоначалник Петре Шилегов изјави дека во градските служби има вишок од 1.200 вработени.

-Имаме 1.200 административци повеќе од она што ни е потребно. Веднаш ќе потпишам во „Градски паркинг“ да останат само 130 вработени кои се стручни и тогаш веќе нема да треба да вработувам нови. ЈСП „Скопје“ има 700 административци, или повеќе отколку што има возачи. „Градски паркинг“ јас кога станав градоначалник имаше 237 вработени, а сега има 258. Од нив половината се вишок и слободно може да си одат. Вработувани се по партиски клуч и тоа ни е јасно, а мене ми требаат стручни луѓе, рече Шилегов.

Но, оттогаш не е преземена скоро ниту една мерка за намалување на бројот на вработените. Напротив.

Претходна вестОбид за евакуација од Мариупол, украинско – руска размена на обвинувања во ОН…
Следна вестРускиот амбасадор во Букурешт: Амбасадата добива закани за бомби, атмосферата е тензична